Има подобрување во реализацијата на капиталните инвестиции, ги следиме приходната и расходната страна на Буџетот и кога ќе утврдиме дека е потребно да се прават корекции тоа ќе го соопштиме,  рече министерот за финансии Драган Тевдовски,  во одговор на новинарско прашање за реализацијата на капиталните инвестиции и евентуален ребаланс на буџетот по  неодамнешната изјава на Зоран Заев.

Според Тевдовски, секогаш се анализира дали има потреба од корекции, а одлуката  кога би се случило тоа ќе се донесе заеднички.

Тој наведе дека капиталните инвестиции  што се во рамки на Министерството за финансии како што е проектот за подобрување на општинските услуги реализацијата е одлична и ако се споредува со сите буџетски корисници е во најдобрите.  Потенцираше дека ЈП за државни патишта  коешто е надвор од централниот буџет од 2013 година, годинава реализира за 300 проценти повеќе капитални инвестиции  споредено со минатата година.

Тоа значи дека апсолутно постои подобрување на реализацијата на капиталните инвестиции. Како финансии бараме до сите министерства да посветат поголемо внимание и сметаме дека ќе има резултати. Позитивни се сите перформанси на макроекономските индикатори што го прават БДП. Во првиот квартал имаме раст од 8,8 проценти кај индустриското производство, извозот е многу силен со 16,5 проценти, кредитирањето на корпоративниот сектор забрзува и е подобро од претходните пет години. Сето ова укажува дека можеме да очекуваме дополнителни подобрувања на економскиот раст, рече Тевдовски.

Според него, повратот на ДДВ за граѓаните навреме ќе почне да се реализира и оти Министерството за финансии и Управата за јавни приходи го подготвуваат системот за навремен старт.

Во коментар на трошењата на парите од еврообврзницата ресорниот министер  посочи дека како институција се придржуваат на лимитите  утврдени при гласањето за задолжувањето во Собранието.