Невработеноста во Македонија во минатата година изнесувала 13,1%, според најновите податоци на Државниот завод за статистика.

Во соопштението на ДЗС, работоспособното население во Македонија изнесува 791,647 лица, од кои вработени се 688,296 лица, додека 103.351 лице се водат како невработени.

– Стапката на активност во овој период е 52,3, стапката на вработеност 45,4, додека стапката на невработеност изнесува 13,1 отсто – пишува во соопштението.

Од ДЗС напоменуваат дека резултатите не може да се споредат со претходните години поради имплементацијата на новата Регулатива (ЕУ) бр. 2019/1700 на Европскиот парламент и Советот, како и соодветната извршна регулатива на Комисијата (ЕУ) бр. 2019/2240 во областа на работната сила, поради што Регулатива (ЕЗ) бр. 577/98 е укината.

– Примената на новата регулатива предизвика промени во истражувањето, вклучувајќи ги промените во дизајнот на прашалникот, редоследот на прашањата, преместување и додавање нови прашања, како и промени во опфатот и дефинициите за вработеност и невработеност. По извршената анализа е утврдено дека промените имаат влијание врз работоспособното и неактивното население поради промената на возраста (од 15 до 79 на 15 до 89 години), додека кај активното население промени не се забележани. Споменатите промени предизвикаа прекин на временските серии на податоци за работоспособното и неактивното население – укажа Државниот завод за статистика во соопштението.