По обвинувањата од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски дека владата планира преку буџетот да поткупува гласачи реагираа од СДСМ.
Портпаролот на партијата Костадин Костадинов рече дека маката на опозицијата е што сега парите завршуваат кај граѓаните, преку поврат на 15% од платениот ДДВ, укинување на радиодифузната такса, ефтината тарифа на струјата, намалување на казните, зголемување на платите, зелена нафта и многу други мерки.
„Порано парите одеа во стиропор, бели дворци, исушени палми и жални врби, во џебовите на фамилијата. После економската катастрофа што ја остави 11 годишното криминално владеење на ВМРО-ДПМНЕ по демократските промени имаме реален, вистински и силен економски напредок“, рече Костадинов.
Тој истакна дека денес растот на БДП изнесува рекордни 4,1 отсто.
„За само една година, странските директни инвестиции пораснаа за 260 отсто, односно од 205 милиони во 2017 година на 737 милиони долари во 2018 година. Тоа е јасно наведено во „Извештајот за инвестициите во светот 2019″ на Конференцијата на ОН.
Реализирани и во фаза на реализација се 20 странски инвестиции во Индустриските зони и надвор од нив со проектирани над 4,800 вработувања.
Во 2018 година рекорден број на компании, над 250, домашни и странски, добија финансиска поддршка, а Владата по неколку основи кон стопанството уплати 40,7 милиони евра.
Покрај инвестициите растат и платите. Просечната нето плата во мај 2017 година последниот месец од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ изнесуваше 22.889 денари. Годинава во месец мај таа изнесува 25.270 денари, што е пораст за 10,4 проценти временски период од две години“, потенцираше Костадинов.
Според него позитивната економска клима резултирала со нови работни места и намалување на стапката на невработеност на рекордни 17,8 отсто.
„Ревизијата на СТО констатира раст во сите економски области.Бруто домашниот производ во периодот на ревизија на СТО, по глава на жител порасна за повеќе од 40% (2013 споредено со 2018 година). Со шпекулациите во бројки кои ги изнесува Мицкоски ги подрива институциите, за што очекуваме да се изјасни НБМ“, потенцираше Костадинов.
Comments are closed for this post.