Привремено запира производството на струја од хидроцентралите, а разликата ќе се надомести од увоз. Причината, според надлежните е сушата и неповолната хидролошката состојба во природните и вештачките езера која може да ги загрози животниот свет и биодиверзитетот, пишува Вечер.

Граѓаните, пак на социјалните мрежи коментираат дека ова е изговор за повторно да се зголеми цената на струјата и оти за ваквата состојба виновен е менаџментот и недомаќинското управување со ресурсите од страна на енергетските компании, а не природата.

Сепак, од Регулаторната комисија за енергетика ја смируваат состојбата и велат дека досега нема пристигнато барање за промена на цената на струјата од било која електроенергетска компанија.

И од ЕСМ соопштуваат дека цената на електричната енергија за домаќинствата ќе остане на стабилно ниво, односно дека АД ЕСМ ќе купува и продава електрична енергија, во зависност од берзанската цена на струјата и цената на универзалниот снабдувач ЕВН Хоум со цел да го заштити интересот на граѓаните.

Согласно Законот за енергетика нема надлежност од ЕСМ врз формирање на цената на електричната енергија, односно оваа цена не е регулирана и се формира самостојно од страна на ЕСМ. Во РКЕ досега нема пристигнато барање за промена на цената на струјата од било која електроенергетска компанија. Согласно Законот за енергетика член 70, став 3 производителот на електрична енергија ЕСМ доколку е потребно има право да купува електрична енергија на пазарот со цел да го оптимизира своето производство и да ги минимизира трошоците во работењето, велат за весникот ВЕЧЕР од РКЕ.