Ќе доцнат ли измените во закон за работни односи, според кои ќе биде задолжително пензионирање во јавниот сектор на 64 години? Според ветените рокови, законот требаше да почне да се применува од почетокот на следната година, а со тоа над 10.000 вработени во јавниот сектор, кои ги исполнуваат условите,  да заминат во пензија.

Од Конфедерацијата на слободни синдикати ги поздравуваат измените, како прв посериозен чекор во реформирање на администрацијата, но велат дека досега никој не ги консултирал.

Овој закон беше експлоатиран во предизборната кампања, поточно од владејачката партија. И да, ние го поздравивме овој закон но, од тогаш немаме никакви информации, па ниту некој нè консултирал. Морам да кажам дека овој закон е од итна потреба да се донесе затоа што оние кои работат после 62 или 64 години, кои што го исцрпуваат буџетот или работодавачите се голем број, кои што над 10.000 треба да си заминат од јавниот сектор и со тоа треба да започне и реформата во јавната администрација, вели Благоја Ралповски, претседател на Конфедерација на слободни синдикати.

Од синдикатите бараат нивно вклучување за да и овој пат социјалниот дијалог не остане само на харитја како и многу пати.

Од друга страна, Владата и Министерството за труд со идентичен одговор, дека последните консултации се во тек и очекуваат законското решение да влезе во собраниска процедура во најбрз можен рок.

Според податоците од Министерството за информатичко општество и администрација, до крајот на следната година вкупно 6.411 вработени во јавниот сектор ќе исполнат услови за задолжителен прекин на работниот однос, не сметајќи ги тука вработени во Армија, Одбрана, МВР и Биро за јавна безбедност, во Агенциите за национална безбедност и разузнавање, како и во Финансиската полиција.

Од КСС сметаат дека е крајно време да се направи пресек и администрацијата да се ослободи од непотребните вработени.

Секој месец се зголемува таа бројка, особено ако знаеме дека таа бројка е голема во основните училишта, каде што одреден број на наставници го продолжуваат својот работен век. Го продолжуваат и многу вработени во јавната администрација, но тие што имаат високи плати на високи раководни функции. Очигледно е дека треба да се направи еден пресек и да се види кој од тие е потребен, а кој непотребен затоа што премногу е оптоварен буџетот за да може од една страна да кажуваме дека имаме пензионирање на 62 и 64 години но, од друга страна, да се злоупотребува од одреден број работници кои што имаат високи плати и бенефиции, особено во јавниот сектор за да остануваат на работа, вели Благоја Ралповски, претседател на КСС.

Од МИОА очекуваат дека новиот закон ќе придонесе да се намали бројот на вработени во администрацијата, но најавуваат и други законски измени и реорганизација, со крајна цел поефикасна администрација.

извор Сител