Успешно претставување на македонските текстилни компании во организација на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот ќе ги презентираат инвестициските потенцијали во домашната текстилна индустрија на саемот за облека Munich Apparel Source, што од 4 до 6 септември се одржува во Минхен, Германија.

Директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, Вулнет Адеми вели дека на националниот штанд ќе се претстават седум домашни текстилни компании – Еуросолид, Астибо фешн груп, Кули, Окитекс, Метас и Албатрос.

Македонија има големи потенцијали во сферата на текстилната индустрија кои треба да ги презентираме пред странските инвеститори. Согласно нашиот План за активности и на предлог на бизнис заедницата, Агенција за странски инвестиции и промоција на извозот го организира претставувањето на Македонија како дестинација за инвестиции во текстилната индустрија, но помагаме и за поврзување на бизнисите, со што отвораме можности за нови инвестиции и нови вработувања. Саемот Munich Apparel Source ги поврзува европските брендови и трговци со производителите на облека кои одржуваат високите стандарди во квалитетот на производството“, вели Вулнет Адеми Директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот.

Истовремено во Минхен се одржува и Саемот за набавка на материјали и модни додатоци Munich Fabric Start, каде македонските компании ќе имаат можност да ги запознаат новите услуги, производствените методи и комплетните решенија во производство на текстил и облека. Двете саемски манифестации нудат компатибилни содржини и овозможуваат ексклузивен пристап до текстилните материјали и синхронизирана понуда на производствени модели, поедноставувајќи ја логистиката на набавки во текстилната индустрија.

На саемот во Минхен (http://munichapparelsource.com/) ќе се претстават околу 200 меѓународни компании од текстилната и модната индустрија со портфолија на производи и производствени услуги кои се однесуваат на Cut-Make-Trim (CMT) решенија, висок квалитет на производство и целосен пакет на услуги.

Годинава Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот го овозможува заедничкото претставување со нашите компании во соработка со Швајцарската програма за поддршка на извозот (SIPPO) и Текстилниот Кластер на Република Македонија.