Земјоделците здружени во задруги со големи обработливи површини и повеќе добиток, гарантираат усогласен квалитет на пазарот, но и поголема конкурентност и пробивање на македонските производи на странските пазари. Кога се здружени, можат полесно да реализираат крупни инвестиции, да конкурираат за мерките од националните и ИПАРД програмата, полесно да набават земјоделска механизација и да имаат помали трошоци, рече денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, кој заедно со директорот на Платежната агенција, Николче Бабовски присуствуваше на Денови на млекото и кооперативното здружување во Битола.

Министерот Димковски во своето обраќање истакна дека млекопроизводството како еден од поважните сегменти во агроиндустријата, зазема важно место и во креирањето на политиките за развој на земјоделството. И во оваа гранка, додаде, здружувањето на фармерите во задруги е важно за да се постигне одржливост на млекопроизводството и подобрување на рентабилноста на сточарството.

При подготовката на мерките за овој сектор, посебно внимание посветуваме на примарното производство, подобрување на квалитетот на суровото млеко и поттикнување на млечната индустрија. Здружувањето на фармерите во земјоделски задруги е еден од начините да го направиме млекопроизводство одржливо, пласманот сигурен затоа што здружени земјоделците успешено се справуваат со потенцијалните проблеми при пласманот, рече министерот.

Директорот на Платежната агенција Бабовски ги презентираше мерките од националните и од ИПАРД 2 Програмата за развој на млекопроизводството.

Од исклучително значење за развојот на оваа гранка е ефикасната искористеност на мерките што ги нуди европската ИПАРД 2 програма, како што се оние за инвестиции во материјални средства на земјоделски стопанства и во преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи, а овозможуваат кофинансирање на трошоците за инвестиции во изградба или реконструкција на фарми за добиток, објекти за добиточна храна, складишта за храна, опрема за земјоделство, инвестиции во преработувачки капацитети како што е изградба на млекарници. Овие две мерки значително ќе придонесат во создавањето одржливо и конкурентно млекопроизводство, потенцира Бабовски.

На манифестацијата присуствуваа фармери и претставници од млечната индустрија кои ги промовираа своите производи, како и градоначалниците на Битола, Могила и Новaци.