Во услови на пандемија компаниите во индустриските зони лани го зголемиле бројот на вработени. Според директорот на Дирекцијата на ТИРЗ Јован Деспотовски, има уште стотина нови вработувања, или вкупно сега работат 14.100 лица, што во однос на 2019 година е зголемување за најмалку 0,6 проценти.

Но, во однос на бројот на ангажирани работници на кои се обврзале инвеститорите кога го потпишале договорот со државата, недостасуваат уште околу 7.300 вработувања.

При потпишување на договорите за државна помош инвеститорите се обврзале на 21.379 вработувања, а досега од тоа се пополнети 66 проценти. Обврските  течат, но наша обврска ќе биде следење на исполнувањето на обврските на инвеститорите. Ќе се следат роковите за реализација на потенцијалните работни места во наредните неколку години, вели Деспотовски.

Тој додава дека се развива посебна мерка со која инвеститорите ќе се поттикнат не само да ја забрзаат динамиката на вработувања, туку и да ги зголемат платите за 30 до 50 проценти до 2024 година, зашто тие сега се под државниот просек.

Пред инвеститорите во зоните стои и обврска за реализација на најавените вложувања. Во писмата за намери презентирани пред Владата тие најавиле инвестиции од околу 450 милиони евра, а договорите се потпишани за 350 милиони. Од нив досега се реализирани 305 милиони.

Значи има уште педесетина милиони евра како преземена обврска за минимална инвестиција. Наша обврска ќе биде да најдеме начин да ги поттикнеме да ги реализираат. Ќе ги охрабриме да ги реализираат инвестициите кои се јавуваат како разлика меѓу писмата за намери и потпишаните договори. Оние што реализираат побрзо може да очекуваат целосна поддршка од Дирекцијата. Од сумата во писмата за намери реализирани се 67 проценти, изјави Деспотовски и додаде дека намера е да се привлечат нови инвеститори, но и да се искористи неискористениот потенцијал на постоечките.

Инаку, од зоните се реализираат 45 проценти од вкупниот извоз во државата. За целата 2020 година компаниите од ТИРЗ оствариле извоз од 2,6 милијарди евра, што во однос на претходната година е пад од осум проценти, но забележливо е оправување кон крајот на годината. Увозот изнесува 2,2 милијарди евра и има пад од 14 проценти, со што извозот од зоните е за 17 проценти поголем од увозот и тоа е поголема покриеност на узвозот со извоз во однос на годината пред тоа.