Нема да има зголемување на старосната граница и нема да има замрзнување на пензиите, уверува министерката за труд и социјана политика.

Царовска истакна дека се работи на стабилизација на пензискиот систем. Ќе се интервенира со цел да се стави под контрола буџетскиот дефицит во ПИОМ кој за 10 години се зголеми за 150%.

Министерката Царовска потенцира дека мора да се води грижа за сегашните и идните пензионери и дека пензиите ќе се усогласуваат 2 пати годишно со трошоците на живот, а ќе има дополнително усогласување доколку растот на БДП во претходната година надминал 4%.

Правиме минимална корекција на стапките на придонес за пензиско и инвалидско осигурување и здравствено осигурување за вкупно 0,5 процентни поени.

Втората мерка е дека воведуваме јасен критериум за влез во двостолбен систем, а тоа е денот и годината на раѓање, до 01.01.1967 година ќе може да се вратат и да добиваат пензија само од првиот столб, по нивна желба и со тоа даваме можност граѓаните да имаат поповолни пензии.

Затоа што имаме излегување на ваков тип на пензионери и ќе видиме дека пензиите им се нереално ниски, сега им даваме можност да се вратат и да добиваат пензија од првиот столб. Исто така ќе може сите оние коишто користат бенефициран стаж сите да се вратат и да добијат пензија само од прв столб.

Во моментов во таква поволна ситуација се вработените во МВР и во одбрана, а најранливите се во двостолбен систем и имаат нереално ниски пензии. Ние го правиме системот праведен за сите оние коишто имаат бенифициран стаж вклучително и рударите да се вратат во прв столб и да си ги добијат пензиите коишто им следуваат, висината на пензии да биде поповолна, истакна министерката Царовска.

Се воведува и социјална пензија за граѓани кои немаат никакви приходи, имаат еден ден работен стаж имаат наполнето 65 години која ќе изнесува 40% од просечната исплатена пензија, рече Царовска на денешната прес – конференција во владата.