Постои огромен простор за интензивирање на соработката, со оглед на тоа дека Чешка е 22-ри трговски партнер на нашата земја. Ова било истакнато на средбата меѓу економскиот тим на Владата на работниот појадок со претседателот на Владата на Чешката Република, Андреј Бабиш, кој е во официјална посета на Македонија.

Преку мерките во Законот за финансиска поддршка на инвестициите, Владата обезедува голема поддршка на домашните и странските компании да основаат нови производствени процеси или да ги унапредат постоечките, со што ќе се подигне нивото на технолошки развој и ќе се отворат нови работни места. Тоа е можност и за заинтересирани чешки компании да дојдат да инвестираат во Северна Македонија. Чешката фабрика за шински возила Локо Транс веќе најави своја инвестиција во Скопје и тоа е еден чекор напред во интензивирање на меѓусебната соработка. Воедно постои голем простор за соработка во земјоделството, кадешто би можеле да ја интензивираме соработката и во однос на примарното производство и во преработувачката индустрија, но и во меѓусебната размена. Со новиот Закон за енергетика овозможивме изградба на нови производствени капацитетите од обновливи извори, што е уште една можност за инвестиции од страна на чешки компании“, нагласи Анѓушев.

Министерот Бектеши потсети дека пред два месеци, во Скопје се одржа бизнис форум и средби помеѓу компаниите Чешка и Македонија, на кој се воспоставени меѓусебни контакти, што е добар сигнал дека економската соработка ќе се развива во позитивна насока.

За да се воспостави посилна економска соработка и да се зголеми трговската размена, компаниите од двете земји мора поинтензивно да комуницираат и воспоставуваат соработка. Владите од двете земји во април веќе иницираа и организираа бизнис форум, за да ги поттикнеме компаниите на соработка. Иницијалните контакти помеѓу компаниите се направени, се надеваме дека има взаемен интерес да се подобрува трговската размена помеѓу двете земји“, рече Бектеши.

Премиерот Андреј Бабиш ја искажа силната поддршка од страна на Чешката Република за евроатлантските интеграции на земјата и за политичките процеси кои ги спроведува нашата Влада.

Тој ги пренесе чешките искуства во евро-интегративниот процес, а со економскиот тим на Владата зборуваа и за тековните предизвици во областа на земјоделството, енергетиката, како и за надминување на јазот помеѓу побарувачката и понудата на пазарот на трудот, како еден од предизвиците со кои се соочуваат речиси сите земји во Европа.