Компаниите кои веќе ја злоупотребиле финансиската помош од Владата, нема да имаат можност за да аплицираат за нова мерка, кажа министерот за економија Крешник Бектеши во емисијата Вин Вин на Телма Телевизија
Тие компании кои злоупотребувале средства од првите четири сета на економски мерки, нема да добијат веќе помош од страна на државата. Треба да се постават критериуми во делот на аплицирање на мерките со што, компаниите кои се објавени од страна на Управата за јавни приходи нема да можат да аплицираат за дополнителни мерки, кажа министерот Бектеши во гоствањето на Телма.
Како што потенцираше министерот, доколку треба, нивните вработени ќе ги згрижи Владата директно, како што најави и директорката на Управата за јавни приходи (УЈП) Сања Лукаревска денеска со блокирање на нивните сметки и со префрлување на средствата директно на вработените во тие компании.
Поднесени се кривични пријави до сите вработени кои што не ги исплатиле платите за вработените за кои што добиле финансиска помош, кажа министерот Бектеши.
Министерот потенцираше дека по последните консултации со стопанските комори Петтиот сет на мерки ќе биде објавен во текот на следната недела.
Во текот на наредните денови до понеделник ќе имаме дополнително состанок со стопанските комори и со синдикатите. Ќе ги разгледаме уште еднаш нивните коментари на нашите предлози кои се донесени во консултација со различни засегнати страни. Очекуваме дека мерките од петтиот пакет, како и претходните ќе ги дадат очекуваните резултати и ќе бидат насочени кон поддршка на граѓаните и на компаниите, кажа министерот.
Comments are closed for this post.