Компанијата „Адора инженеринг“ која е сопственик на две од трите топлани во Скопје очекува да ги продаде на државната компанија ЕСМ која управува со парното за иста цена како што ги плати на Топлификација пред една година. Компанијата, како што соопшти, веќе испратила понуда до ЕСМ и очекува одговор.
Во соопштението упатено до јавноста компанијата информира дека и покрај тоа што очекувала инвестицијата во топланите да ѝ се исплати, досега има само загуби и неплатен долг од БЕГ за користењето на топланите во изминатата грејна сезона.
Го пренесуваме соопштението во целост:
„Адора инженеринг“ на ден 01.09.2021 година, односно пред повеќе од една година, на транспарента јавна лицитација за сума од 9,26 милиони евра со вклучени даноци, ги купи имотите топлана Исток и топлана Запад, кои што претставуваат основни средства за регулирано производство на топлинска енергија во градот Скопје, а кои беа во стечајна постапка. Во тој момент, свесни за минималната економска оправданост на инвестицијата, нашата мотивација беше оваа стратешка дејност да се врати во домашни раце и про-активно да ја развиваме и унапредуваме сo сите последни трендови поврзани со дејноста.
Меѓутоа, од тогаш до денес, „Адора инженеринг“ нема добиено ниту владение врз купениот имот од страна на „Топлификација“ АД во стечај и БЕГ, ниту апсолутно никаков надомест за користење на имотот од страна на БЕГ, поради што се нанесува огромна штета врз работењето на „Адора инженеринг“.
БЕГ одби регулирање на меѓусебните односи за користење на топланите, односно ги користи топланите бесправно. Оваа проблематика не беше, а можеше да биде регулирана преку деловно-техничката соработка помеѓу ЕСМ и БЕГ која беше направена во јануари оваа година.
Дополнително, топланите во изминатите неколку години се драстично обезвреднети поради фактот што износот за амортизација на опремата кој е определен и контролиран од РКЕ, и граѓаните го плаќаат со цел одржување на топланите во добра кондиција, речиси целосно не бил вложуван во изминатите неколку години, што нанесува директна штета, пред сè, на квалитетот на дејноста и економската исплатливост во истата.
Дополнително, поради обезвреднувањето на топланите и останати системски недоследности, приносот на капитал, односно единствениот приход за сопственикот на топланите во оваа дејност од 960 000 евра во 2010-та година, во услови на огромна акумулирана инфлација низ годините, денес е доведен на рекордно ниски ниво од 365 000 евра годишно. Сето ова доведува до ситуација каде што според моменталните параметри во бизнисот не може да се најде апсолутно никаква економска издржаност. За илустрација, годишниот ануитет кој што „Адора инженеринг“ треба да го сервисира кон домашната банка за отплата на кредитот наменет за купување на топланите изнесува околу 900 000 евра, што значи дека директно Адора инженеринг е во загуба од над 550 000 евра годишно. Доколку овде се засметаат и сопствените средства дадени како учество и дополнително обезбедување кон кредитот загубата станува уште позначителна.
Со ЕСМ веруваме дека во наредниот период ќе изнајдеме заедничко прифатливо решение сè со цел општото добро и интересот на граѓаните. За „Адора инженеринг“ е потребно регулирање на досегашните долгови настанати во изминатата година по основ на принос на капитал и невложена амортизација со цел да пристапиме кон регулирање на идните односи.
Според моменталните регулирани параметри во дејноста сметаме дека единствено решение во интерес на граѓаните е ЕСМ да пристапи кон купување на топланите Исток и Запад, за што на 18.08.2022 година, ЕСМ до „Адора инженеринг“ испрати Барање за доставување на понуда за продажба на имотот, топланите Исток и Запад, со цел оваа енергетска дејност да биде обединета под државна контрола.
Во најдобар интерес на дејноста и граѓаните, „Адора инженеринг“ одговори дека е согласна со ова барање и сме спремни доколку ги наплатиме побарувањата од изминатиот период кој што законски ни следуваат, да го продадеме имотот по истата цена по која што го купивме.
Comments are closed for this post.