Еврокомесарот Јоханес Хан денеска се сретна со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Од партијата соопштуваат дека на средбата се разговарало за актуелната политичка состојба, закочените европски интеграции и политичкиот дијалог во земјава.
„Сериозните скандали го рушат кредибилитетот на земјава и ја подриваат правната држава загрозувајќи ја и европската иднина“, рекол Мицкоски изразувајќи загриженост поради застојот во европските интеграции и недобивањето на датум за преговори.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ истакнал дека немањето на волја за справување со корупцијата и сомнежите за криминал се гледа и во Предлог-законот на премиерот Заев за организирање на обвинителството каде наместо непристрасна борба против корупцијата се нудат решенија кои ќе бидат алатка за политички притисоци и заштита на криминалот.
Ниту еден криминал не смее да остане имун на правдата и дека на тој план не се потребни компромиси, истакнал Мицкоски пред Хан, а соопштуваат од партијата.
Во однос на европската перспектива на земјава Мицкоски посочил дека граѓаните не треба да бидат казнети поради лошите политики на неодговорната власт и затоа ВМРО-ДПМНЕ смета дека е потребно да се додели датум за преговори со Европската унија што би било и дополнителен механизам за контрола на власта.
Услов за нова лидерска средба и дијалог со власта за повеќе прашања е одредување на датум за предвремени парламентарни избори како начин за враќање на процесите на вистинскиот правец и обезбедување на европска иднина за Република Македонија, повторил Мицкоски.
Comments are closed for this post.