Среде летна сезона во Охрид осамна знак за забрането капење во езерото. Туристите не смеат да пливаат кај плажите кои се протегаат од Самоиловата тврдина кон камповите Партизан и Младост поради отпадните води од колекторскиот систем.
Охридскиот градоначалник Константин Георгиески вели дека општината ја вовела забраната по налог на Државниот санитарен и здравствен инспекторат.Според градоначалникот проблемот најверојатно е во несоодветната канализациона мрежа по течението на реката Грашница, а не на нефункционалниот колектор.
Во редовните контроли кои ги врши ЈЗУ Центар за јавно здравје Охрид, утврдено е загадување на водата од трета категорија на потегот околу Партизан и Младост. Периодот наназад немаше излевање на колекторскиот систем кој со крајни напори го одржуваме во функција. Инаку колекторскиот систем има преливен испуст кај игралиштето Воска, кој е активен при обилни врнежи, но во изминатите два месеци немаше прелевање и најверојатно причина за загадувањето се нелегални канализациони приклуцоци во реката Грашница . Екипите на Нискоградба и Проаква се на терен. Во вторник следуваат резултатите од анализите земени предходниве неколку дена, а во понеделник ќе се земат нови примероци од страна на ЈЗУ Центар за јавно здравје. Таблата ја постави секторот за комунални дејност при Општина Охрид, по задолжение од Државен здравствен и санитарен инспекторат“, вели Константин Георгиевски, градоначалник на Охрид.
Од охридскиот Центар за јавно здравје потврдија дека анализите на примероците од вода токму од тој регион покажале дека водата е загадена. Останатите плажи се безбедни за капење.
Квалитетот на водата во езерото беше посочена како една од „црните“ точки на последната сесија на УНЕСКО во Баку, веднаш по проблемот со урбаниот хаос.
Токму ревитализацијата на колекторскиот систем на охридското крајбрежје е една од препораките на УНЕСКО до македонските власти како услов за охридскиот регион да не се најде на листата на загрозени подрачја.
Вчера јавноста бурно реагираше на одлуката на советникот на Општина Охрид од ДУИ, Нефи Усеини свечено да ја отвори својата пицерија, иако објектот од општината официјално е прогласен за дивоградба.
Comments are closed for this post.