Таму некаде во почетокот на 80-тите години на минатиот век во тогаш посточките кина почнаа од Запад да стигнуваат првите еротски филмови. И, нормално, кино-салите беа преполни, а „тапкарошите“ триеја раце, зашто картите „на црно“ одеа како алва. Арно ама, тогашната партиска уметничка, етичка, морална и каква ти не друга цензура ревносно си ја вршеше задачата. Па, кај еротските сцени играа ножиците. Гледачите, пак, како гледачи веднаш најдоа одговор. И кино-салите грмеа од реакции-Уааа, шнајдери!, Крати, крати, да ти се скрати!…Ни „криви“, ни должни гневот паѓаше на товар на кино-проекторите.
Тамара Тодевска си зема за слобода да скрати дел од државната химна. И не било кој, туку токму оној дел во кој се споменуваат носителите на државноста Гоце, Даме, Питу, Јане…И не било кога, туку токму во момент кога нивните имиња се во фокусот на „добрососедството“ со Бугарија.
Не знам дали нешто и што „ќе и се скрати“, ама знам дека извинувањето од дното на нејзиното срце и прошката, што ја бара од нашите срца, тешко дека ќе допрат до секој од нас, наспроти простувањето како вредност во чистата христијанска душа. И тоа не заради ненамерната грешка, произлезена од емоциите и целокупната еуфорија. Туку од низбежното чувство дека само наивните можат да поверуваат во чиста случајност, која не испраќа никакви политички пораки. На крајот на краиштата, националната химна се пее со срце и душа. И кога срцето на Тамара тоа нема да го почувствува, не може од името на истото тоа нејзино срце да бара извинување и прошка од срцата на било кои други. Толку. Бадијала и е целата, колку до вчера на големо продавана нејзина, па и наша гордост, што толку евтино ја ничкоса без никакви лубриканти.
Тамара се извини од дното на нејзиното срце. А, само ден претходно владиниот генсек, Драги Рашковски, исто така јавно се извинуваше до небото заради изнесени расистички ставови спрема Ромите и Италијанците. Да биде иронијата поголема, неговата „фора“ во пракса ќе ја спроведува никој друг, туку лично премиерот Зоран Заев! Лично го испратил советникот за надворешна политика Дане Талевски во италијанската амбасада да се извинува во името на генсекот и Владата.
Па, има ли глупоста граници?! Нема! По којзнае кој пат се потврдува тоа.
Голото извртување на тезите-наместо одговорност, да се „продаваат„ извинувања до небото или од дното на срцето-повеќе отвара пат кон воспоставување нов „институт“, отколку кон владеење на правото и правната држава, а најмалку кон функционална правна држава. Извинувањето може да биде само личен чин и ништо повеќе од тоа. Одговорноста, пак, оди со почитување на правото и законот, а прв кој треба тоа да го манифестира во пракса треба и мора да е премиерот. И не случајно му е дадено правото да разрешува функционери од нивните функции. Ако тоа свое право го трансформира во секојдневно извинување во негово лично или во било чие друго име, тогаш уште одма нека и каже збогум на правната држава.
Екс-премиерот Никола Груевски е правосилно осуден на казна затвор од две години. Еве, да кажеме дека е ирелевантно дали тоа е сторено во монтиран судски процес или за криминал од кој немал ни цент добивка. Дали ако тој уште денеска јавно побара извинување од дното на неговото срце или до небото, ќе му биде се простено и ќе може слободно, без никакви санкции и последици, да се врати во државата и кај неговите најблиски од семејството? Само јавно, така, прашувам.
Comments are closed for this post.