Кога не се носи нов Устав, непознат феномен во правото е да се менува преамбулата, изјави професорката Гордана Силјановска Давкова на научната трибина на Филозофскиот факултет насловена како Името и идентитетот-академски одговор, што беше одржана во рамки на предреферендумската кампања.
Но, тој правно непознат феномен станува практика кога станува збор за Република Македонија. Зашто, Преамбулата на Уставот е пред ново менување, второ по конфликтот од 2001 година, а овојпат заради потребите произлезени од Договорот со Грција. Постапката почна со седницата на собраниската Комисија за уставни прашања.
Покрај Преамбулата, со уставен амандман, онака како што е планирано, ќе се интервенира во сите членови за промена на името на државата. Па, онаму каде што стои Република Македонија ќе треба да стои Република Северна Македонија. Неизвесно е како ќе се интервенира онаму каде што стои само Македонија-дали ќе стои само Северна Македонија или целото име Република Северна Македонија.
Ова, во извесна смисла, може да доведе и до максимални недоразбирања, па и до целосно ревидирање на историјата, настрана тоа што ќе се случи со Преамбулата. На пример, мошне илустративен е членот 36 од Уставот во кој стои:
„Републиката им гарантира посебни социјални права на борците од Антифашистичката војна и од сите националноослободителни војни на Македонија, на воените инвалиди, на прогонуваните и затвораните за идеите на самобитноста на македонскиот народ и неговата државност, како и на членовите на нивните семејства кои немаат можности за материјална и социјална егзистенција. Посебните права се уредуваат со закон„
Само од овој член произлегуваат редица прашања. Прво, што ќе биде додадено-само Северна или целото име Република Северна Македонија? Второ, што и да стои, дали тоа ќе значи дека ќе бидат признати правата само на борците од Антифашистичката војна, што се водела единствено на територијата на (Република) Северна Македонија? Што ќе се случува со другите, односно сите националноослободителни војни на Македонија и борците, кои учествувале во нив? На пример, со борците учесници во антифшистичката војна во Грција и посебно во нејзината Граѓанска војна! Ќе им се укинат правата или ќе се избришат од историјата како воопшто да не постоеле?!
Очигледно, предвидената само обична амандманска интервенција за промена на името на државата во Уставот, сепак нема да биде така едноставна и ќе има свои последици. Посебно од историски аспект.
Comments are closed for this post.