Заканите од страна на Кочо Анѓушев се само резултат на неговата нервоза затоа што граѓаните ги дознаваат неговите лични дилови со грчката влада и грчките компании, вели портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.

Кочо Анѓушев наместо да се заканува со тужби, да им објасни на граѓаните како е можно грчката компанија да ја купи токму компанијата на Кочо Анѓушев за близу 5 милиони евра на само 2 месеци пред потпишувањето на договорот со Грција? Кочо Анѓушев наместо да се заканува со тужби да им објасни на граѓаните дали парите од продажбата на компанијата ЕДС, близу 5 милиони евра, ги инкасирал на своја лична сметка, а не на сметките од групацијата од која бил дел компанијата ЕДС“, праша Арсовски.

Како е можно, додава портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, грчката компанија која работела со загуби поголеми од куповната цена на компанијата ЕДС, компанија која исто така била во загуба во 2017 година да ја купи токму ЕДС на Кочо Анѓушев.

Тој додаде дека е нелогично една компанија во загуба да купи друга компанија која исто така е во загуба.

Од ВМРО-ДПМНЕ уште вчера обвинија дека Анѓушев ја продал својата непрофитабилна компанија на грчка компанија само два месеци пред да биде потпишан Договорот  и дека продажбата на ЕДС е криминална.

Сите коментари за продажба на EDS што се врзуваат во политички контекст се апсолутно неосновани и неточни, одговорија од Кабинетот на Анѓушев и најавија дека ќе бидат преземени сите правни механизми, вклучувајќи и евентуална судска заштита, во насока на зачувување на личноста и интегритетот на потпретседателот на Владата.