По одредувањето 30 дена притвор за Моника Ристовска, активистката за легализација на марихуаната, со соопштение се огласија и од Хелсиншкиот комитет. Од таму посочуваат дека притворот не е неопходна мерка за непречено водење на постапка против неа и сметаат дека се доволни други мерки на претпазливост.

Хелсиншкиот комитет, како и во многу наврати претходно, препорачува мерката притвор да се користи како мерка на претпазливост во исклучителни случаи, а не како репресивен механизам. Во оваа прилика потсетуваме и на неприфатливата селективност при одредување мерка притвор од страна на надлежните органи, особено во случаи на корупција и организиран криминал – се наведува во соопштението на Хелсиншкиот комитет.

По повод приведуањето на Моника, се огласија и од Владата. Владиниот портпарол, Миле Бошњаковски, го соопшти владиниот став дека изречениот притвор е престрога мерка за активистката, истовремено потенцирајќи дека секој граѓаин има обврска да ги почитува законите.

Промени во законските регулативи за рекреативна и медицинска употреба на марихуната побараа и од здружението за декриминализација на канабисот „Билка“, кои пред Основното јавно обвинителство одржаа протест против изречениот притвор за нивната активистка.