Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, во рамки на официјалната посета на Сојузна Република Германија, оствари средба со министерот за надворешни работи на Сојузна Република Германија, Хајко Маас, соопшти кабинетот на шефот на македонската држава.
На средбата биле разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу Македонија и Германија, при што било констатирано дека двете земји имаат изградено односи на пријателство, исполнети со доверба и взаемно почитување.
Претседателот Пендаровски оценил дека Германија е клучен политички партнер и најголем трговски партнер на Македонија, „држава која постојано дава поддршка за нашите аспирации за членство во Европската Унија и во НАТО“.
Пендаровски изразил задоволство за ратификацијата на Протоколот за пристапување на Република Северна Македонија во НАТО во германскиот Бундестаг.
Двајцата соговорници размениле мислења за последните случувања поврзани со европската интеграција на нашата земја, при што Пендаровски посочил дека „Република Северна Македонија во изминатиот период вложи многу напори во исполнување на европските критериуми и истакна дека ќе продолжи реализацијата на реформската агенда“.
Во таа насока, претседателот Пендаровски го реафирмирал очекувањето за одредување датум за почеток на пристапните преговори со Европската унија.
Comments are closed for this post.