Новото ѕвечкање со оружје уште повеќе ги заостри и онака лошите односи помеѓу САД и Иран, откако Иранската револуционерна гарда сруши американски шпионски дрон во јужната покраина Хормозган, во петокот.

Според адмиралот на воздухопловните сили Амирали Хаџизадех соборувањето на американското беспилотно летало „испратило“ јасна порака, нагласувајќи дека Иран не сака да војува, но ако има потреба подговени се.

Слична изјава даде и Абас Аракчи, заменик на шефот на дипломатијата.

Техеран објави видео за кое тврди дека е од соборувањето на американскиот дрон.


Според Иран, американскиот дрон се доближил до нивниот воздушниот простор за да шпионира, а потоа се вратил, поминувајќи помеѓу Омар и Иран, кога бил соборен одбранбениот систем „Кордат 3“.

Како што е соопштено, Иран го повикал на разговор швајцарскиот амбасадор, кој ги застапува американските интереси во Иран, како би протестирале заради упадот на американското беспилотно летало во ирански воздушен простор.

Швајцарија ги застапува американските интереси во Иран бидејќи Техеран и Вашингтон немаат дипломатски односи од 1979 година.

Американски официјални лица тврдат дека дронот паднал во меѓународни води и дека не летал во ирански воздушен простор, додека иранците го тврдат спротивното.

Синоќа американскиот претседател Доналд Трамп нареди напад на Иран, но брзо се предомисли и се откажа во последен момент, бидејќи авионите веќе биле во воздух, но и бродовите подготвени за напад.