Полицијата во Бугарија го истражува убиството на новинарката Викторија Маринова, чие тело во саботата беше пронајдено во парк во градот Русе на север на земјата. Според наводи од истрагата, таа била и силувана.
Оставајќи ги грозоморните детаљи настрана, убиството на Маринова е јасен сигнал дека нешто се случува со новинарството на европска почва, а тоа особено се однесува на истражувачките новинари. Маринова била токму таков тип новинар, и една од нејзините последни задачи е откривање можна злоупотреба на европски фондови и заташкување, односно уништување докази поврзани со тие дејности.
Но, она што загрижува е што само за последните две години во Европа се убиени повеќе новинари отколку во претходните десет години.
Шведската репортерка Ким Вал беше убиена од данскиот пронаоѓач Петер Мадсен кој ја одвел на последно патување во неговиот изум- подморница. Европа потоа ја потресе веста за убиството на новинарката од Малта Дафне Каруана Галиција, која ги истражуваше досиејата во таканаречените Панамски тетратки. Под нејзиниот автомобил беше поставен експлозив. Тоа беше во октомври 2017, а во февруари годинава беше убиен уште еден истражувачки новинар – Словакот Јан Куцијак и неговата вереница Мартина Куснурова. И двајцата беа смртно застрелани, најверојатно во нарачано убиство за кое се платени 70.000 евра. Освен шведската новинарка, сите други истражувале корупција.
Репортери без граници истакнуваат дека убиствата се случуваат во период кога се забележува пад на квалитетот на новинарството во Европа. Што се однесува до слободата на медиумите, Бугарија се смета за најлоша земја во ЕУ. „Новинарите честопати се под закана, под притисок, под физички напади во Бугарија“, соопштија Репортери без граници.
Политичките лидери се посочуваат како извор од кој потекнуваат се повеќе вербални напади и закани. Притоа се наведува дека словачкиот премиер Роберт Фицо имал лоши односи со медиумите, а се истакнува и албанскиот премиер Еди Рама кој честопати ги навредува новинарите, како и раководните политичари во Чешка, во Унгарија или во Србија.
Но, таа реторика се шири низ цела Европа, се посочува во повеќе извештаи. Во Италија десет истражувачки новинари имаат постојана полициска заштита откако добиле закани затоа што ги истражувале мафијашките врски.
Comments are closed for this post.