Важно е македонската јавност да знае дека ако не добиеме датум сега, во јуни или јули, ако го добиеме на есен, тоа нема да биде затоа што не сме подготвени за тоа, што го потврдуваат и во ЕУ, вели претседателот Стево Пендаровски во интервју за МИА.
Нема ниедна земја членка која вели дека Македонија треба да заврши други работи, организиран криминал, корупција, реформи во медиуми, администрација, дури ни законот за СЈО не го споменуваат како услов. Сите велат сѐ направивте. Би било поради внатрешната политичка динамика на некои земји и поради распоредот на работа, истакнува Пендаровски.
Посочува на вчерашната изјава на претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, дека ние нашето го исполнивме, и сега останува ЕУ да го одржи ветеното. Во прашање е, вели, легитимитетот и кредибилитетот на ЕУ.
Пендаровски смета дека нема ризици за внатрешно-политичката состојба во државата.
Ние сме политички најстабилната држава на Западниот Балкан. Внатре во Македонија, нема ризици. Затоа што албанскиот политички фактор е интегриран и во Владата и во институциите. Ниту албанската ниту македонската опозиција не се надвор од институциите, мое предвидување е дека нема да прават проблеми зашто не сме добиле сега, оценува Пендаровски.
Смета дека ќе нема ниту безбедносни тензии, но можно е зголемување на евроскептицизмот.
Опасноста за кочење на земјата, според него, доаѓа од надвор.
Има избори во Грција на седми јули, сегашната грчка опозиција има потврди ставови кон Преспанскиот договор, од нивен аспект. Има најави дека ќе го почитуваат договорот, но ќе бидат поригидни во имплементирањето. Може да добиеме потврд став, преведено значи дека можеме да добиеме блокада во ЕУ за некој аспект од Преспанскиот договор. Од изминативе неколку недели веќе се случува едно повидливо присуство на забелешки од Бугарија во однос на Договорот со Бугарија. Бараат брзи резултати од комисијата на историчари, сакаат да работи побрзо и да има ефект, вели меѓу другото шефот на државата во интервјуто за МИА
Comments are closed for this post.