Екс министерката Гордана Јанкуловска е осудена на шест години затворска казна за набавка на мерцедесот.

Пресудата денеска во Кривичниот суд ја соопшти судијката Добрила Кацарска, која истакна дека Јанкулоска е виновна за злоупотреба на службената положба и овластување.

Поконкретно за умислено поттикнување за набавка на мерцедесот, појанси судијката Кацарска.

Судијката наведе дека возило е набавено во МВР, а од доказите произлегло дека всушност било набавено за да го користи сега веќе осудениот Никола Груевски. Таа посочи дека била нарушена и тендерската постапка, бидејќи бил фаворизиран еден економски оператор.

Граѓаните мора да знаат како се трошат нивните пари, никој кој е на  јавна функција не смее да ги понижува граѓаните, како што било тоа во овој случај, рече судијката.

Двете страни имаат право на жалба до Апелациониот суд Скопје. Ако не биде обжалена пресудата ќе стане правосилна, но доколку осудената се жали, пресудата ќе стане правосилна кога за жалбите ќе одлучи второстепениот суд.

Во „Тенк“ претходно беа осудени поранешниот премиер Никола Груевски на две години казна затвор и поранешниот помошник министер во МВР, Ѓоко Поповски на 6,6 години затвор, за набавка на блиндирано моторно возило „Мерцедес С 600 Гард“ во вредност од 600 илјади евра.

Двајцата се жалеа до Апелацискиот суд за висината на казните. Апелација во петокот соопшти дека жалбата на Груевски е отфрлена и му ја потврди затворската казна од две години. На Поповски, пак, пресудата му е преиначена на четири и пол години затвор.