Во Софија се одржа првиот состанок на зедничката меѓувладина комисија со Бугарија, согласно договорот за пријателство, добрососедство и соработка, потпишан на 1 август 2017 година, а со кој копретседаваа министерот за надворешни работи, Никола Димитров, и заменик-претседателот на Владата и министер за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева.
Покрај Димитров и Захариева, на состанокот учествуваа и високи претставници од двете земји од ресорите економија, одбрана, локална самоуправа, образование и наука, транспорт и врски; а се зборуваше за постигнатиот напредок во соработката во овие области, по потпишувањето на договорот за пријателство, добрососедство и соработка. Во рамките на денешните активности, беа одржани тет-а-тет средби на колегите од владините ресори на двете држави, како и заедничка пленарна седница на која беше направена рекапитулација на динамиката на односите и соработката, согласно начелата и обврските кои произлегуваат од договорот.
Потенцирани беа важноста и значењето од инфраструктурната и енергетската поврзаност за развој на односите меѓу земјите, од аспект на продлабочување и интензивирање на економската соработка. Посебен акцент беше ставен на конкретните проекти и активности, како и нивна реализација.
Димитров уште еднаш ја нагласи важноста на договорот и неговото значење за продлабочување на соработката меѓу Македонија и Бугарија.
Договорот за пријателство, добрососедство и соработка претставува темел на мостот што треба да нè зближи. Процесот на преминување на истиот е долг, може да помине време, но со сигурни и стабилни чекори на другата страна ќе не’ дочека пријател“, рече Димитров.
Во своето обраќање, министерот се заблагодари за бугарската поддршка на заложбите за членство на нашата земја во ЕУ и НАТО.
Comments are closed for this post.