Чувајте ги сметките и уплатниците од платените казни, УЈП може одново да ви побара пари. На скопјанец кој лани си платил казна за судска пресуда од околу 300 евра,УЈП повторно му ги побрува парите и бара фирмата во која работи да му одзема по една третина од месечната плата се додека не се исплати целиот долг. До фирмата од Управата за јавни приходи пристигнало решение за присилна наплата од парични побарувања.
Случајот младиот скопјанец реши да го сподели со јавноста. До редакцијата на Пресинг ТВ ги испрати документите и ни раскажа со каков проблем се соочил пред два дена.
Во образложението кое стигнало до скопската фирма стои дека според податоците со кои располага УЈП, заради решение/пресуда, бидејќи утврдените обврски не се платени доброволно, се пристапува кон присилна наплата. Решението е извршно на 30. март годинава.
Освен основниот долг, од должникот се побарува да уплати и еднократна посебна такса од 5 отсто од сумата која се бара да ја плати.
Исто така во известувањето испратено до фирмата се наведува дека ако не се пристапи кон присилна наплата, фирмата ќе биде казнета.
„Исплатителот задолжително да ја извести Управата доколку има проблеми во спроведување на решението, во спротивно согласно член 179-б од Законот за даночна постапка исплатителот на плата кој нема да постапи согласно решението со кое му е наложено при секоја исплата на плата да уплаќа 1/3 од износот до целосно намирување на долгот за сметка на должникот ( 140 став 1 точка 1 и 2) ќе биде казнет со глоба во износ од 2 500 до 3 000 евра во денарска противвредност“, стои во известувањето.
Лицето на кого УЈП му побарува парични средства, својот долг по наведената пресуда го има платено уште во месец јуни 2018 година, а тоа го потврдила уште тогаш и даночната управа чиј печат стои на задната страна на уплатницата дека е примено.
„Во фирмата во која работам ме известија дека стиглано решение од УЈП со кое бараат да ми се блокира сметката поради неплатен долг. Тоа беше вистински стрес за мене, со оглед на тоа што знам дека не сум должник. За среќа ја чував уплатницата, па со истата како доказ се упатив веднаш до УЈП. Дали станува збор за ненамерна грешка или лошо функционирање на системот на наплата не знам“, вели скопјанецот.
Тој појасни дека кога ги прашал шалтерските работнички во УЈП, што се случува и како може да се прават вакви грешки, кои се стрес за граѓаните, се правдале дека проблемот е спрегата помеѓу нив, полицијата и судот.
За среќа овој случај е решен позитивно во корист на лицето кое за малку два пати ќе си ја платело казната. Од УЈП му ставиле уште еден печат на документот и му кажале дека сега е завршена работата.
„Но јас не можам и со тоа да бидам сигурен. Им кажав и лани ми ставивте печат, па сега повторно ми побарувате пари за казната. Како да бидам сигурен дека за година-две нема да се случи истото. Нормално гаранција не добив, само се насмевнаа шалтерските работници“, раскажува скопјанецот, кој порачува сметките за платените казни секогаш да се чуваат.
Сметките се доказ пред УЈП ако дојде до ваква ситуација, во спротивно државата нема механизам со кој ќе го направи тоа за вас, а исходот ќе биде дупли давачки.
Во Србија постои сајт за проверка на неплатените казни
Ваквите грешки соседна Србија ги реши пред три години со воведувањето на Регистарот на непланети парични казни и други парични износи. Порталот е изработен од Министерството за правда.
Регистарот на парични казни е централизирана електронска база во која се чуваат сите неплатени парични казни, трошоци за постапки и други парични износи кои се изречени со правосилна и извршна одлука на прекршочен суд или по пат на конечен и извршен прекршочен налог.
Comments are closed for this post.