Државната комисија за спречување на корупцијата на денешната седница отвори постапка за разгледување на начинот на доделување на државната награда за долгогодишни остварувања во областа на воспитанието, образованието и културата „Св. Климент Охридски“, што ја доделува Министерството за образование и наука.

Според претставката поднесена од поранешна професорка, државната награда во висина од 4.000 евра се доделува нетранспарентно и без конкретни критериуми и најмалку е достапна за професори и лица, кои работат во образованито, а ја добиваат високи функциониери. ДКСК донесе одлука да се отвори постапка за истражување на наводите од пријавата, така што ќе се побараат информации за доделувањето на наградата за една година, и тоа од одлуката за отворање на конкурсот, формирање на комисија, до изборот на добитниците.

Заменик-директорот на ДКСК, Нури Бајрами, информира дека на денешната седница за разгледување има вкупно 26 предмети, од кои седум за следење на имотната состојба, 11 за корупција и осум за судир на интереси.

Антикорупционерите информираа дека се затворени предметите за непотполнети анкетни листови против градоначалникот на општина Сопиште, Стефче Трпковски, деканот од УКИМ, Зоран Јаневски, деканот од Универзитетот во Тетово, Аким Исмаили, и заменик деканот Ќебир Азиру, кои ги платиле глобите во предвидениот рок и доставиле пополнети анкетни листвоти.

Од разгледаните предмети за спречување на корупцијата најголемиот дел се однесуваа за постапки при вработувања во општини и јавни претпријатија.

ДКСК, донесе одлука да се отворат истраги за наводи за непотизам при вработување на ќерка на вработен во кабинет на генерален директор во ЕЛЕМ, за партиски вработувања во општински претпријатија и училишта, за директорка во здравствен дом која вработувала роднини, за вработување на сопшрува на совтеник во општина и други случаи.