ВМРО – ДПМНЕ обвини дека градоначалникот на општина Аеродром, Златко Марин во предреферендумскиот период издал одобрение за градба на деловен комплекс на локацијата кај „Мајчин дом“.

Пред околу дваесетина дена предупредивме дека општина Аеродром е спремна да издаде одобрение за изградба на нова висококатница на локацијата кај „Мајчин дом“, па Златко Марин го искористи предреферендумскиот период и на инвеститорот му издаде одобрение за градење на станбено деловен комплекс на површина од околу 14.000 м2, поточно десеткатница со повеќе од 240 нови станови обвини Дејан Митевски, претседател на ОК на ВМРО – ДПМНЕ Аеродром.

Според ВМРО – ДПМНЕ злоупотребен е периодот од референдумската кампања, а со проектот ќе се уништи добар дел и од градското зеленило.

Златко Марин одобрението за градење го издал на 19-ти септември. Иако ветуваше дека ќе ја спречи изградбата на оваа висококатница, дека ќе го зачува зеленилото токму на овој простор, како по навика, повторно излажа. „Ќе го запреме градежниот хаос, ќе направиме ревизија на ДУП-овите“ беа предизборни ветувања кои за жал никогаш нема да чекаме да се реализираат. Залудни беа и барањата и потребите на граѓаните. Сепак зеленилото кај „Мајчин дом“ ќе биде минато, рече Митевски.

Тој тврди дека, Марин за помалку од една година издал одобренија за градење на повеќе од 1.100 нови станови во Аеродром.