Интеграцијата на Северна Македонија во НАТО ќе биде во фокусот на денешниот состанок на Северноатлантскиот совет со Комитетот за интеграција на земјава во Алијансата, што се одржува во Скопје.
Наскоро 30. членка на НАТО, Република Северна Македонија денеска тука е домаќин на 29-те сојузници“, порача денеска на почетокот на состанокот генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој претседава со Советот.
Во своето кусо обраќање на почетокот на состанокот на главното тело на НАТО задолжено за политички одлуки, Столтенберг повтори дека Скопје и Атина покажале историска одлучност и успеале да го решат неколкудеценискиот спор, постигнувајќи го Договорот од Преспа.
Тоа покажува дека промената е можна и оти храброста се исплати. Благодарение на големите напори на одредени личности, а некои од нив денеска се тука, вие градите подобра иднина за вашата земја, придонесувајќи за регионалната и трансатлантската безбедност и обезбедувајќи натамошен просперитет“, рече генералниот секретар на НАТО.
Членството во НАТО е важно за Северна Македонија, рече тој, но додаде тоа е важно и за регионот и за целата Алијанса. Напомена дека уште отсега се гледаат бенефитите од интегрирањето на една земја во НАТО, со оглед на тоа што странските инвестиции во земјава се зголемиле по добивањето на поканата.
Тоа покажува колку всушнот безбедноста води кон просперитет“, додаде генералниот секретар на НАТО на почетокот на состанокот.
Ова е прва посета на Столтенеберг и високи претставници на НАТО на земјава по потпишувањето на протоколот за членство на Северна Македонија во Алијансата, што досега го ратификуваа 13 од 29-те земји членки. По ратификацијата од страна на сите сојузници, земјава и официјално ќе стане 30-та полноправна членка на НАТО.
Северноатлантскиот совет е главно политичко тело кое ги носи одлуките во НАТО. Советот ги надгледуваа политичките и воените процеси во врска со безбедносните прашања што влијаат на целата Алијанса. Го сочинуваат претставници на сите земји членки, а претседавач е генералниот секретар.
Comments are closed for this post.