Ако остане оваа влада на Зоран Заев и следната година во јуни нема да има датум за почеток на преговори. Затоа што едноставно не ги бива и немаат капацитет да сработат, изјави на прес-конференција потпретседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, посветена на најновиот извештај на ЕК за Македонија.
Николоски оцени дека е добро што десета година по ред Македонија добива позитивна препорака за почеток на преговори за членство во ЕУ и додаде дека таа треба да се реазлизира.
Досега осум препораки не се претворија во почеток на преговори за членство заради противењето на Грција во однос на спорот со името и ветото кое што тие го поставуваа. Минатата година Заев и Димитров се согласија на срамниот Преспански договор за преименување на Македонија. Сепак, и покрај тоа и покрај потпишувањето на договорот на 16-ти јуни, веќе на 29-ти јуни датум за почеток на преговори за членство во ЕУ немаше, иако тоа беше најголемото ветување кое што Заев и Димитров го дадоа. Годинешнава повторена препорака само покажува дека минатата година и Заев и Димитров како и Владата лажеа дека има датум за почеток на преговори за членство, изјави Николоски.
Според него, почеток на преговори нема, затоа што нема реформи, исто како што немало и минатата година.
За жал, и оваа година нема да има датум за почеток на преговори. Значи, спорот со Грција го нема, но сепак нема датум за почеток на преговори за членство во ЕУ. Ако во минатото проблем беше спорот, а не изостануваа реформите, сега веќе изостануваат реформите. Нешто што го гледа целиот народ и сите граѓани на Република Македонија, изјави Николовски, додавајќи дека лагите се проѕирни и излегуваат на виделина.
Притоа тој потсети на низа изјави и интервјуа во кои владата велеше дека добила датум за почеток на преговори за членство во ЕУ минатата година.
Ако лани лажеа и вината ја префрлаа на други, оваа година слушаме изјави од типот ЕУ да си го одржи зборот. Како ЕУ да е некој пазарџија, кој што треба да си го одржи зборот. Или, слушаме како луѓе блиски на оваа власт напаѓаат пријатели на Македонија, големи европски држави, обвинувајќи ги за оваа состојба и не сакајќи да се погледнат себе и да погледнат кон себе. Вистината е дека датум немаше и за жал датум нема да има, затоа што нема реформи во клучните области, потенцираше Николоски.
Тој додаде дека токму тоа го констатира и ЕУ, а граѓаните тоа секојдневно го живеат. Според него, и овој извештај јасно потенцира слабости во многу сектори. Пред се, врвот на корупцијата, состојбите во јавната администрација, состојбите во економијата и владеењето на правото.
Николоски ја потенцираше и улогата на ВМРО-ДПМНЕ во однос на извештајот давајќи придонес во Собранието за подобрување на многу реформски закони, за што им честиташе и им се заблагодари на пратениците.
Николоски додаде дека решението е едно и едноставно, владата да замине и да дојде влада способна и посветена да испорача прво за доброто на граѓаните, потоа и за она што е потребно како барање на ЕУ, и конечно државата да започне преговори за членство во ЕУ затоа што нашето место е таму.
Comments are closed for this post.