Катастрофалната реализација на капиталните инвестиции не ги обесхрабрува министрите од економските ресори. По вчерашните најнови податоци дека во првите четири месеци реализацијата на капиталните расходи изнесувале само 9, 83 % или нешто повеќе од 40 милиони евра, Тевдовски и Сугаревски повторуваат дека во иднина ќе има забрзана динамика на реализација.
За реализацијата на капиталните инвестиции, Тевдовски истакна дека кај патиштата што се реализираат во Јавното претпријатие за државни патишта е одлична и во првиот квартал е трипати подобро од истиот период лани. Според него, таму има позитивни движења, а ако на тоа се надоградат бројките на силниот раст на индустриското производство од 8,8 отсто, силниот извоз, очекувањата се дека годинава ќе биде многу подобра од минатата година како движење на економијата.
Ако се земат серија години наназад секогаш забрзувала реализацијата на капиталите инвестиции во втората половина од годината и очекуваме дека и годинава тоа ќе биде случај. Главно е што ЈП за државни патишта е надвор од буџетот и тоа годинава реализира многу подобро од минатата година. Реализира за трипати повеќе и тоа ни дава оптимизам, но и првите показатели за првиот квартал покажуваат дека економијата ќе се движи позитивно и тоа подобро од лани, рече министерот Тевдовски.
Задоволен од реализацијата на капиталните инвестиции е и министерот за транспорт и врски Горан Сугаревски кој во делот на гасификацијата очекува и 100 % реализација.
Кога го гледам процентот на гасификација што бил исклучително мал во првиот квартал зашто во јануари и во февруари не се работело поради немање градежна сезона, сега имаме ситуација каде има реализација од 26,7 отсто во првите четири месеци. Со мај и со јуни ќе има сериозна бројка, можеби преку 40 отсто и повеќе. Искористувањето во делот на гасификацијата се очекува до октомври да биде 100 отсто исполнето, рече Сугаревски.
Инаку, да се потсетиме дека и минатата година од Владата од месец во месец уверуваа дека ќе има голема реализација на капиталните инвестиции, дури прогнозираа реализација до 90%. , но од ветувањата немаше ништо. 2018-та заврши со реализација на капиталните инвестиции од само 65% од планираното.
Годинава, пак, слабата реализација од само 41 милион евра заклучно со април не ги натера надлежните да ги сменат проекциите за македонската економија. Позитивни биле бројките за индустријата, градежништвото и вработувањата.
Comments are closed for this post.