Грчкиот премиер Алексис Ципрас никогаш не предложил такви разговори, што јас сум ги одбил, пишува во статус  на својот ФБ профил, поранешниот македонски премиер Никола Груевски, по интервјуто на грчкиот премиер за  Financial Times.

Ципрас го обвини Груевски дека како премиер никогаш не сакал да разговара за изнаоѓање решение за прашањето, што Грција веднаш по независноста го отвори во врска со уставното име на Македонија.

Впрочем, пред неговото доаѓање за премиер, пишува Груевски во ФБ статусот, водев интензивни разговори со г-динот Папандреу со кого имавме 10 лични средби по ова прашање, но за жал заради познатите грчки позиции или црвени линии, како што тие ги нарекуваа, не дојдовме до решение, кое подоцна би го предложиле на граѓаните на референдум. Крајот на мојот мандат и почетокот на мандатот на Ципрас се поклопија само една година, а тоа беше од почетокот на 2015 до почетокот на 2016 година.

Со г-динот Ципрас се сеќавам на само две меѓусебни комуникации. Првата, кога по неговиот избор за Премиер на Грција, некаде во февруари 2015 имав телефонски разговор на мој повик чија цел беше да му ја честитам функцијата премиер и да воспоставиме првична комуникација и обид за соработка. Во тој разговор, јас нему, а не тој мене, му предложив оној момент кога ќе биде подготвен да се сретнеме и разговараме за наоѓање решение по однос на прашањето заради кое Грција ги блокираше нашите европски и евроатлантски интеграции, посочувајќи дека времето и местото за средба може тој да ги избере. Неговиот одговор беше формално гледано позитивен и рече дека штом ќе биде во можност ќе ме побара за да разговараме за тоа прашање. Никогаш потоа не се јави.

Главно заради две причини.

Првата, затоа што реално 2015та година Грција беше во длабока економска и финасиска криза и негов врвен приоритет беше справувањето со таа криза која бурно започна во 2008 година. Сите премиери и водачи на земјите од ЕУ и пошироко имаа разбирање за неговата нефокусираност и незаинтересираност за изнаоѓање решение со нас во едно такво време, бидејќи и за нив и за нивните банки кои позајмуваа на Грција финасиската криза во Грција им беше далеку поприоритетна. Впрочем, политичката атмосфера во Грција во таа година исполнета со секојдневни масовни протести и демонстрации, некои од нив со по 250.000 граѓани пред парламентот, мотивирани од катастрофалните трендови во економијата и на животниот стандард, не оставаше надеж дека тој има време и политички простор да решава други крупни прашања. Во таа година откако беше назначен во февруари, имаше референдум во јули, губење на мнозинството во август и избори во септември, качуваа даноци, смалуваа плати и пензии, добиваа спасувачки пакети тешки стотици милјарди евра, се справуваа со ММФ, ЕЦБ и ЕК по тие прашања и очите на целиот свет беа вперени во нив заради финасиската криза која се рефлектираше на останатиот свет.
Ципрас трчаше помеѓу Москва, Берлин и Вашингтон да бара решение за финасискиот колапс, примаше честитки од Фидел Кастро за победата на големото ,,ОХИ,, на референдумот кое кратко потоа беше принуден да го напушти, се справуваше со секојдневни штрајкови на земјоделците, синдикатите и народот генерално, а во еден момент мораа да запрат со работа сите банки во Грција.

Кога истата година на една средба со претседателот на Европскиот совет Ван Ромпуј во Брисел замолив за поголем ангажман од Унијата и него лично да се изврши притисок врз Грција да го реши спорот со нас и да не деблокира за нашите стратешки интеграции, по молчење и размислување од неколку секунди мошне искрено ми одговори отприлика вака: ,,доколку некој висок политичар во светот, во овој период ви вети дека ќе се заложи за ова Ваше барање, знајте дека не е искрен со Вас. Затоа што наш клучен приоритет е како да се стабилизира финасиската криза во Грција и да почнат да си ги враќаат долговите кон нас. И доколку има најмал простор за притисок во овој период, верувајте дека ќе биде искористен во правец на мерките за финасиска стабилизација, а не за ова прашање. Вие имате два избора: или да ги прифатите сите грчки услови и барања и така да излезете од проблемот или да почекате,,.

Втората причина заради која Ципрас не се одзва на мојот повик за разговори околу прашањето кое не блокираше е затоа што на почетокот на 2015 во Македонија започна политичката криза и толку видливата операција во обид за промена на владата заради промена на името, со што г-дин Ципрас сосема логично одлучи дека е подобро да го почека расплетот на кризата и евентуален успех на зацртаната цел на таа операција, што за неговата земја ќе значеше, како што и подоцна се случи, доаѓање на нова влада во Македонија која однапред ќе има дадено согласност и даден збор дека доколку биде инсталирана ќе ги прифати грчките позиции и на тој начин со привиден и одглумен компромис и преговори, ќе се затвори прашањето целосно во грчка полза. Едноставно тој процени дека ако почека, може ќе има далеку за нив подобар соговорник кој е спремен на далеку поголеми остапки во однос на националните прашања, името, идентитетот, историјата…

Втората комуникација меѓу мене и г-дин Ципрас беше кратка и неформална за време на приемот на Претседателот Обама во Њујорк по повод одржувањето на генералното Собрание на ООН, кога кратко и неформално во една коктелска атмосфера неколку минути разговаравме со г-дин Ципрас и тој разговор во делот на прашањето на името беше сличен како првиот, во смисла дека се согласува дека треба да се реши прашањето и дека ќе се јави да разговараме.
Всушност, купуваа време и чекаа други попогодни за нив преговарачи од македонска страна.

Според ова, Грција никогаш од моја страна немала проблем за средби и разговори, напротив ние сме ги поттикнувале, бидејќи сакавме да најдеме компромис со кој ќе се деблокираат нашите интегративни процеси за членство во НАТО и ЕУ.

Она што беше реален проблем е што ние не сакавме да прифатиме договор со толку големи остапки по националните интереси какви што Грција бараше и не условуваше.

Впрочем, самиот г-дин Ципрас во истото ова интервју за Financial Times јасно и мошне искрено кажува дека не беше проблемот само околу името, туку и околу идентитетот и историјата.

За жал, не само намерите, туку и јавните настапи на владата на СДСМ по нејзиното инсталирање во мај 2017, воопшто не беа во правец на градење добри позиции на државата за преговори.
Токму тогаш,средината на 2016 година, Грција прогласи крај на финансиската криза и дојде во ситуација да може да си ги сервисира долговите, а со тоа дојде и времето кога можеше да се смета и на поширок меѓународен притисок кон нив по ова прашање.

Новата македонска влада наместо да ја искористи таа нова ситуација, уште во првите денови јавно во медиумите нејзините челници изјавуваа дека -цитирам: ,,по секоја цена,, мора да го решат ова прашање при што и самите јавно си даваа временски рокови помеѓу 6 месеци и една година. Кој и да беше на местото на г-дин Ципрас во една таква околност ќе побараше остапки од соговорникот кои претходно не ги планирал или очекувал да ги добие, бидејќи другата страна, македонската страна, јасно кажа: ,,по секоја цена,,.

Кога некој ќе каже јавно пред да започнат преговорите дека нешто сака да добие по секоја цена, а утредента оди на божемни преговори тогаш нормално е цената на она што се сака да се постигне, деблокадата во случајот, силно да порасне и нормално е другата страна да ја прифати и плати.

Г-дин Ципрас, краткорочно и среднорочно гледано, има голема причина да е среќен и задоволен од овој договор во Преспа. Од долгорочен аспект, ако воопшто тоа му е важно, има само една слабост, а тоа е дека тие премногу добија како нација, а ние како нација премногу изгубивме со содржината и остапките во овој договор.

При такви екстреми, историски гледано, другата страна која е толку силно уценета, поразена и понижена, по некое време, кога некои околности ќе се променат, колку и да е тоа долго време подоцна, има силен нагон и потреба на еден или друг начин да го поврати загубеното.

Затоа, за трајно решение во вакви децениски спорови, за решение со долгорочна одржливост, подобро е за двете страни ако се постигне разумен компромис, по правичен компромис, одколку вакво ,,виткање рака,,.

За да биде вечен договорот и компромисот.

Кога се ќе добиете, жарот останува да гори кај оној кој се загубил и никогаш не сте сигурни кога тој жар нема да се распламти и прашањето повторно да се отвори, а проблемот да се врати на маса.

Јас се трудев да постигнеме одржливо и многу по праведно решение со кое двете страни ќе можат засекогаш да живеат, да бидат блиски и да се почитуваат.

Децениите пред нас ќе покажат, кој бил во право.