Врвот на ВМРО-ДПМНЕ продолжува со измислување на нови, нелогични барања кои имаат за цел повторно да ја вратат амнестијата за Груевски и неговите соработници, соопшти СДСМ.

„Очигледно е дека раководството на ВМРО-ДПМНЕ предводено од Христијан Мицкоски покажува дека го интересира само амнестија за криминалите направени за време на 11-годишното пустошење на државата. Мицкоски и раководството на ВМРО-ДПМНЕ треба да знаат дека амнестија нема да има за никого. Мицкоски и врвот на ВМРО-ДПМНЕ треба да покажат дали се за НАТО и ЕУ или против“, стои во соопштението.

СДСМ додава дека доколку навистина е за ЕУ и НАТО Мицкоски ќе ги повика пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да ја почитуваат волјата на над 600 илјади граѓани и да ги поддржат процесите во Собранието кои водат до полноправно членство во двата најголеми светски сојузи.

„Наместо преку нелогични барања да се обидуваат да издејствуваат амнестија за Груевски, ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски да покажат одговорност и да ја почитуваат јасно изразената мнозинска волја за иднина во ЕУ и НАТО“, се нагласува во соопштението на СДСМ.