Функционираме одлично и нема никакви недоразбирања во контекст на процесот, кој што е пред нас. Ова е оценката на потпретседателката на Собранието на РМ и на владејачката партија, Фросина Ременски, за односите меѓу владините коалициони партнери СДСМ и ДУИ.

Релациите меѓу двете партии деновиве станаа предмет на опсервација, особено по неколку индивидуално изнесени ставови на поединци, кои, иако навидум ситни, сепак фрлаат одредени сомнежи, што можат да создадат перцепција дека по референдумот и најавите за брзи предвремени избори, нешто не оди како што треба.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на пример, на едно од своите телевизиски гостувања пред референдумското изјаснување изнесе став дека најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ никогаш не побарала амнестија за осомничените за криминал претставници на претходната власт. Што е сосема спротивно од, речиси, секојдневните прозивки на владејачкиот СДСМ дека нема компромис со криминалот апропо преговорите за постигнување општ политички консензус за договорот со Грција и штотуку завршеното референдумско изјаснување.

Пратеникот Артан Груби, пак, како пласирање лажни вести ја оцени информацијата на дел од медиумите на албански јазик дека тој вината за референдумските резултати ја префрлил на СДСМ.

 Апсолутно е неточна информацијата дека сум го обвинил СДСМ за неуспех на референдумот. Напротив, реков дека референдумот е најлегитимен изборен процес од осамостојувањето на државата до денес. Никаде не сум спомнал за никаква одговорност ниту од СДСМ ниту од ВМРО-ДПМНЕ. Ние од ДУИ од самиот старт имавме став дека не треба да се одржува референдум, туку дека Собраниеот треба да одлучува за ова прашање, изјави Груби.

На својот ФБ-профил, претседателот на одборот на директори на Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор (АДСДП), поранешен ПУИК, Џеват Исени, меѓу другото, ја повика власта на одговорност за „криминалите сторени во оваа година ипол„.

Јас првин сакам да има одговорност за оваа година ипол кој колку е вовлечен во криминал. Пратенициве, кои го лажеа народов, се да вратат што земале и никогаш повеќе да не бидат на листата на пратеници. Јавно да се објават листите за вработување кој колку вработил, кој по која заслуга авансирал со позиција. Кој од кого примил мито и отпуштање од работа, се што е дојдено на мала врата. И после ајде на ИЗБОРИ. Иначе со овие кој на народов од кога го ставија газето на фотелја и го заборавија. Мрш – напиша Исени.

Ja prvin sakam da ima odgovornost za ova godina ipol koj kollku e vovleçen vkriminall
Pratenicive koj go llaźea narodov…

Posted by Xhevat Iseni on Wednesday, 3 October 2018

Поранешниот амбасадор на РМ во ОБСЕ, Арсим Зеколи, во својата последна колумна за „Дојче веле„, правејќи анализа на геополитичките состојби во регионот, ситуацијата во која се најде државата и најавените парламентарни избори, меѓу другото, пишува:

„…Третиот параметар, односите во самите политички партии. Она што е сосема јасно уште пред да Таљат прогласи “фајронт” е дека сите партии се стројат не да си ја прикажат моќта, туку да си ги сокријат маните. Поради што ВМРО, СДСМ, ДУИ наликуваат на швајцарски ементалци во кои дупките се поголеми од сирењето. Во прв ред, тоа секако се однесува на СДСМ и нејзиниот најголем и би рекол судбоносен предизвик диктиран од фактот што овој пат граѓаните нема да гласаат од револт кон криминалите на Груевски (и амнестираниот Ахмети) туку од згаденост кон избраниците на Заев, Ахмети и нивните корупции.

Немоќта на Заев да ја расчисти партијата и владата од коруптократи и обезбеди убедлива подршка на референдумот, тешко дека ќе биде надмината и во предизборието. Таа немоќ не е происход на неговиот карактер на слабак, туку резултат на побитниот хендикеп на ситуацијата во која внатре-партиските кланови се посилни од самата партија и зададени во беспоштедна борба за доминација.

Ескалацијата на клановштината во СДСМ и ДУИ не е само продукт на судирот помеѓу (бизнис, подземје) провинцијата и (нво, медиуми) скопјанијата, туку резултат на најслабата алка на овие две партии. Која тешко дека ќе може да се надмине дури и доколку се оствари намерата за предизборна коалиција на двете партии со која СДСМ би ја компензирала непопуларноста кај Македонците, додека пак ДУИ би си ја сочувала сопствената разнишана. интегристичка идеологија.

Но какви и да се замислите на двете водства, хендикепот им е споделен. А тоа е целосното отсуство на чисти, убедливи, доверливи имиња за кандидати со кои би се надоместил падот на популарноста на двете партии кај граѓаните воопшто и посебно Албанците, како што беше демонстрирано на референдумот…„.

Иако само индивидуални ставови, сепак не попусто се вели дека таму каде што има чад, има и оган.