Президиумот на Левица, на синоќешната вонредна седница, одлучи да ја поддржи професорката Гордана Силјановска Давкова како кандидат за претседател на Република Македонија.
Во соопштението испратено од Левица стои дека Силјновска ја сметаат за атипичен претседателски кандидат и покрај несогласувањата по одредени прашања. Додаваат дека таа е изградена личност со неспорен кредибилитет, која што ефикасно ќе се спротивстави на политиката на коалиционата двојка СДСМ-ДУИ, личност која ќе се води по принципите на правото, правдата и етиката и нема да дозволи компромитација на својот интегритет.
Нашата поддршка за Силјановска да стане првата жена претседател на Републиката е строго персонална, а никако про-вмровска! Дотолку повеќе што повмровски кандидат во случајов е токму Стево Пендаровски кој беше портпарол во првата вмровска влада на Љубчо Георгиевски, а потоа и советник во кабинетот на Борис Трајковски“, велат од Левица.
Информираат и дека соработката со професорката Силјановска датира уште од времето на Професорскиот пленум, па оттука ваквата поддршка ја сметаат за принципиелна и критична.
Секој гласач на Силјановска мора да ја држи за збор, будно да го следи секој нејзин чекор и да ѝ помогне да не потпадне под влијанието на големите партии СДСМ – ДУИ – ДПМНЕ. Нам сега ни треба реализирана и принципиелна личност за претседател, која нема да биде обична марионета, туку мудро ќе ги користи своите уставни овластувања со цел да не дозволи тотална власт на само една партија“, стои во соопштението.
Од Левица сметаат дека бојкот на изборот ќе биде само во корист на властодршците и ќе овозможи актуелниот собраниски спикер да биде ВД претседател, а Груевизмот, како стадиум на изедначување на партијата со државата, е на раб да се повтори во заевизам – како автократски модел на владеење.
Нивна задача, порчуваат од партијата, ќе биде да застанат на патот на оваа, како што велат, забегана влада во нејзините намери да го доуништат и онака климавиот суверенитет на Републиката и да ја престорат во слуга на империјалните интереси.
Comments are closed for this post.