Северна Македонија оствари голем напредок особено од 2016 година наваму. Сепак, секогаш од наша страна беше јасно речено дека вистинскиот напредок може да се согледа низ критериумите на владеењето на правото и дека тој ќе претставува основа за отпочнување на преговорите, вели во интервју за МИА францускиот амбасадор во земјава Кристијан Тимоние.
Тој во интервјуто се осврнува на Стратегијата за Западен Балкан што ја објави вчера Франција, по неформалниот самит за Западен Балкан во Берлин, што го организираа францускиот претседател Франсоа Макрон и германската канцеларка Ангела Меркел.
Тимоние вели дека Стратегијата ја утврдува посветеноста на Франција на највисоко ниво за поддршка на европскиот пат на западнобалканските земји.
За првиот круг од изборите вели дека поминале во демократски дух, а во однос на претстојниот втор круг, ги повикува граѓаните да излезат да гласаат, и оти за нив, како што вели Тимоние за МИА, тоа „ќе преставува големо охрабрување да ви помогнеме на вашиот европски пат”.
–Франција излезе со Стратегија за Западен Балкан? Што е новитетот, односно клучната порака, што ќе ги засега земјите од Западен Балкан?
Оваа стратегија ја утврдува нашата посветеност на највисоко ниво за поддршка на европскиот пат на земјите од Западен Балкан. Таа се темели врз очекувањата на луѓето коишто живеат во овој регион да видат вистински напредок во областа на реформите и владеењето на правото. Но таа се темели и врз нашите очекувања да видиме дека напредокот се материјализира и конкретно се потврдува во пракса. Поддршката за реформата на правниот систем и генерално за имплементацијата на европските стандарди во областа на администрацијата ќе претставува конкретен придонес кон вашиот европски пат. Областите се јасно идентификувани и нашите залагања ќе претставуваат поддршка и надополнување на веќе реализираните активности во рамките на ЕУ и другите мултилатерални институции. Станува збор за мобилизирање на нашите напори околу конкретните можности за соработка која ќе биде поддржана од Француската агенција за развој. Таа веќе почна да се насочува во одредени правци кои може да ја опфатат областа на екологијата, квалитетот на воздухот и животната средина.
–Македонија е пофалена за напредокот особено што го реши долгогодишниот спор со Грција, и е оценета како единствена светла точка на Балканот. Дали напредокот ќе се ефектуира во почеток на преговори со ЕУ?
Ги поздравуваме напорите што се за пример кога станува збор за процесот на помирување, а кои беа спроведени со сета неопходна храброст и одлучност од страна на властите во земјата, особено од 2016 година наваму. Тие напори треба да продолжат и понатаму. На тој начин, Северна Македонија и целиот регион ќе го заземат ветеното место во рамките на една обновена европска конструкција, за што Франција особено се залага. Сепак, секогаш од наша страна беше јасно речено дека вистинскиот напредок може да се согледа низ критериумите на владеењето на правото и дека тој ќе претставува основа за отпочнување на преговорите.
–Како го оценувате првиот круг од претседателските избори и какви се Вашите очекувања за претстојниот втор круг ?
Првиот круг од изборите помина мирно, со тројца кандидати кои демонстрираа голем квалитет и сите тројца ја искажаа својата волја за унапредување на владеењето на правото и консолидирање на државата. Очекуваме и граѓаните да дадат свој придонес кон таа консолидација преку најосновниот граѓански чин, а тоа е да излезат и да гласаат и во вториот круг, односно да покажат дека земале учество во гласањето. За нас тоа ќе претставува големо охрабрување за да ви помогнеме на вашиот европски пат. Државјанството е основа на вредностите во Европа, секаде каде што имате аспирации да влезете. Таква порака очекуваме да ни пристигне во Париз, но се очекува и во другите главни градови
Comments are closed for this post.