Речиси сите хотели и објекти за сместување во Охрид за празниците ќе бидат полни, потврдуваат од Асоцијацијата на хотелиери (ХОТАМ) од каде се укажува на исполнетост на објектите некаде до 90 отсто од капацитетите.
Оттаму додаваат дека најмногубројни гости во Охрид ќе бидат домашните и оние од државите на соседството, но ќе има и гости кои доаѓаат во Охрид преку кружните тури низ овој дел на Балканот.
Првомајските празници стандардно се сметаат и како вовед во главната летна туристичка сезона, со доаѓањето на првите организирани групи странски туристи кои доаѓаат во Охрид во претсезоната.
Од Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот, исто така со очекувања за голем број гости на охридско-струшката ривиера, преку веќе воспоставените тури од Турција, Грција, Бугарија, Албанија, Косово.
Според Љупчо Јаневски, директорот на Агенцијата, она што е карактеристично за изминатиот период е присуството на поголем број туристи од Малезија во Македонија преку т.н. балкански тури, што значи дека македонската туристичка понуда веќе е присутна и на азискиот пазар.
„Оваа година Агенцијата ја почна со поинтензивна кампања, преку поиновативен пристап за презентација за нашата понуда во Турција. Предвидено е од 1 мај такви промоции да се спроведат уште во 13 други земји потенцијални туристички пазари, изјави Јаневски.
Тој додаде дека и нововоспоставените нискобуџетни авио летови до Охридскиот аеродром даваат резултати, преку забележаното присуство на туристи од Италија, Германија, Австрија.
Comments are closed for this post.