Со специјално дизајнирани дресови, фудбалскиот клуб Коринтијанс одлучи да му оддаде почит на легендарниот бразилски Формула 1 возач, Аиртон Сена.
Ваквата идеја на еден од најпопуларните клубови во Бразил, чиј голем фан беше токму починатиот Сена, доаѓа како знак на одбележување на 30 години од првата титула на бразилскиот автомобилски ас.
Пораката што дресовите ја пренесуваат е „Бори се да бидеш легендарен“, а освен името на возачот испишано преку градите, дизајнот на дресот содржи 41 хоризонтална линија, бројот на Ф1 победи што ги имаше Сена во кариерата.
Комбинацијата, пак, на бои, златна на линиите и црната на дресот алудираат на боите на тимот на Лотус, за којшто Сена возеше од 1985 до 1987 година и за кој го забележа својот прв триумф на Ф1 патеките.
Дресовите се изработени во соработка на компанијата Најк и Институтот Аиртон Сена.
Ова не е прв пат Коринтијанс да прави омаж за Аиртон Сена. Претходно во 2014 година, како начин да се одбележат 20 години од смртта на Сена, играчите на клубот на терен излегоа носејќи реплики од препознатливиот жолт шлем на возачот кој до денес важи за еден од најдобрите на сите времиња.
Дресовите може да се набават преку интернет продавницата на бразилскиот клуб, а нивната цена се движи околу четириесетина евра.
Comments are closed for this post.