Од утре премиерот Зоран  Заев тргнува во (не) возможна мисија да обезбеди  двотретинско мнозинство за Договорот со Грција.

Тој засега има поддршка од 71 пратеник, треба да убеди уште девет пратеници кои ќе гласаат за уставни измени.

Ако не успее за 7 до 10 дена, ќе се оди на предвремени парламентарни избори.

Како ќе ги убедуваат пратениците , односно со што ќе излезат пред нив ако досега не ја кажаа содржината на амандманите кои треба да се променат , вицепремиерката Радмила Шекеринска уверува дека суштината е иста.

Сметавме дека текстот не треба да биде испишан пред референдумот. Ако немаше ваква бројка, немаше да има потреба да се формираат амандмани, рече  Шекеринска.

Пратениците имаат избор,децидна е вицепремиерката, од една страна Македонија во ЕУ и НАТО, а од друга изолација и неизвесност.

Целиот притисок оваа недела ќе биде во Парламентот. Дваесетина пратеници од ВМРО-ДПМНЕ се изјаснија дека нема да гласаат за уставните промени, но останува да се види како ќе се изјаснат останатите пратеници, вели Марко Трошановски од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“.

Голем дел од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата преку социјалните мрежи го соопштија својот личен став во однос на уставните измени. Уверуваат дека нема да учествуваат во промена на Уставот со цел промена на уставното име.

Но,  двајца од пратениците на Христијан Мицкоски кои вчера излегоа на гласање не се изјасниле се уште.  Познавачите на приликите во Собранието велат дека Заев може да се надева и на гласовите од тројцата пратеници од Социјалистичката партија, кои би дале поддршка за евро-атланската иднина на Македонија.

Тројца пратеници кои доаѓаат од коалиционите партнери на ВМРО-ДПМНЕ, се изјаснија, но впечатокот е дека нивниот став во однос на уставни измени е неодреден.

Битката за гласови почнува, сега пратениците ќе мора да изберат дали ќе го почитуваат исходот од референдумот кој не го исполни цензусот или ќе дигнат рака за ЕУ и НАТО и своите лични судбини.