Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Оливер Деркоски, ги повика сите учесници на изборите да обезбедат фер и демократски изборен процес, со почитување на Уставот и законите. Во интервју за МИА тој вели дека Комисијата ќе направи сè изборниот ден да биде успешен, но оти тоа треба да го направат и останатите учесници. Вели дека бројката на запишани избирачи во избирачкиот список е реална и оти секој кој има државјанство, а е постар од 18 години мора да биде на тој список. Според податоци на МВР, потенцира, има над 2,5 милиони државјани.
Тој најавува дека првичните неофицијални резултати од самите избирачки места ќе бидат објавувани побрзо преку сликање на записниците, кои потоа со заштитени кодови ќе бидат испратени до Комисијата.
Верува дека цензусот во вториот круг ќе биде исполнет и ќе биде избран претседател на Републиката, но посочува дека доколку тоа не се случи, Комисијата е подготвена да организира нови избори. Времето на одржување, вели Деркоски, го одредува претседателот на Собранието, кој треба да ги распише изборите, но потенцира дека ниту Уставот ниту законите не се прецизни кој е во периодот во кој тоа треба да се направи.
Таа одлука ја носи претседателот на Собранието и во одлуката треба да го определи и рокот, затоа што ниту во Изборниот законик ниту во Уставот нема јасни и прецизни одредби. Ќе мора да почекаме. Доколку хипотетички се случи таква ситуација, јас се надевам дека нема да се случи, во тој случај претседателот на Собранието ќе го определи начинот на кој ќе се одвиваат евентуални такви нови избори и временскиот период кога ќе се одвиваат. Тоа може да бидат наредниот ден од нашето официјално соопштување на резултатите, може да биде и подоцна, затоа што, за жал, такви се непрецизни нашите законски одредби. Меѓутоа, јас пак ќе кажам, мислам дека нема да има потреба од тоа“, појаснува Дерковски.
Освен оваа недореченост, според Деркоски, има и други недоречености што се однесуваат на изборниот процес и затоа, според него, потребно е донесување нов изборен законик со кој ќе се расчистат.
Вели дека има неколку новини за овие избори во однос на овозможувањето гласање на лицата со попреченост, меѓу кои и монтирање пристапни рампи, бидејќи најчеста забелешка во извештаите од ОБСЕ и ОДИХР била непристапноста на гласачките места.
Comments are closed for this post.