Кампањата за шестите претседателски избори влегува во последната недела пред гласањето во првиот круг во викендот што престои. Кандидатот за претседател на државата Гордана Силјановска вчера одржа митинг во Велес од каде порача дека по победата на 21 април ќе се отвори пат за предвремени парламентарни избори.
На 21 април мислам дека и изборно ќе ги делегитимираме, се разбира тие се одамна делегитимирани оти нелегитимно е нешто да сторите за што не сте го добиле мандатот на изборите, прелистајте ги нивните програми, никаде нема да најдете дека бараат дозвола од народот за да го сменат името и тоа не само за меѓународна употреба, туку и за дома, ќе одговараат еден ден“, истакна Силјановска.
Претседателскиот кандидат Стево Пендаровски, поддржан од владејачката коалицијата, неговиот централен митинг го одржа во Скопје од каде повика сите да му се придружат на патот заедно напред.
Очекувам поддршка и од Македонците, од Албанците, од Србите, Ромите, Бошњаците, Власите и од сите останати, оти само заедно можеме да газиме напред“, рече Пендаровски и додаде дека со затворање на отворените прашањата, сè поблиску сме до масата на која се одлучува, ЕУ и НАТО не се далечни и неостварливи“, порача претседателскиот кандидат од пред ЕУ инфо центарот.
Претседателскиот кандидат Блерим Река, кој е поддржан од Алијанса на Албанците и БЕСА, вчера од митингот во тетовско Желино порача дека на 21 април ќе се случи голема промена со политичкото минато, а концептот кој го нуди ќе ги корегира досегашните политики на власта.
За да биде држава, треба да има владеење на правото. Немаме друга опција, освен ЕУ и НАТО, а корупцијата и невработеноста мора да запрат“, порача Река.
Претседателските кандидати на 15-от ден од кампањата продолжуваат со средби со граѓаните и митинзи низ градовите. Кандидатката на опозицијата Гордана Силјановска денеска митинг ќе одржи во Валандово во 18:30 часот и во Гевгелија во 20:30 часот.
Централниот караван на коалицијата „Заедно напред!“ денеска ќе оствари средби со граѓаните во Старо Нагоричане, Ранковце, Крива Паланка и Куманово.
Comments are closed for this post.