Неодамна во Солунско, Грција, беа видени слики на судири меѓу мигранти и полиција и веднаш се вратија сеќавањата за големата бегалска криза од 2015 година со која се соочи голем дел од Европа. Кризата не ја одмина ниту Македонија. А, на овие слики од Солунско веднаш реагираа земјите повеќе од 1.000 километри од Грција – прва беше Австрија.
Австриската влада донесе одлука да ги продолжи контролите на границата со Словенија и Унгарија, кој требаше да заврши до 11 мај, најмалку до ноември годинава. Словенците реагираа на оваа одлука на Виена, но Австријците велат дека имаат свои аргументи зошто решиле да ги продолжат контролите на внатрешната граница.
Професорот Трпе Стојановски за Пресинг ТВ вели дека во Европа сега реагираат како во вицот за Индијанците и белците кои предвидувале каква зима ќе има и дали да соберат повеќе дрва за зимата според тоа гледајќи едни во другите.
„Така сега се однесуваат некои земји во ЕУ по прашањето со мигрантите. Секогаш во пролет има раздвижување. Така беше во 2015 и се случи ескалација. Но, за разлика од тогаш, сега мерките се понапредни“, смета професорот Стојановски.
Тој додава дека Австрија ги применува мерките за засилена внатрешна контрола, па може да се забележи како на пример запираат автомобили со странски регистрации и вршат проверки.
Австрискиот министер за внатрешни работи, Херберт Кикл испрати писмо до Европската комисија во кое инсистира на тоа дека се уште има голем број мигранти кои се обидуваат илегално да влезат во земјата. Кикл се повикува на неодамнешните настани во Турција и во Грција, каде имаше судири меѓу полицијата бегалците, и притоа истакнува дека не можат да се очекуваат значителна промена на ситуацијата на кус рок.
Македонските власти веднаш реагираа на случувањата во близина на границата со Грција уверувајќи дека будно ја следат ситуацијата и дека се подготвени да реагираат на секакви предизвици во однос на безбедноста доколку е тоа потребно.
„Критична точка е Турција, каде е браната, како и Грција, крајната точка на ЕУ на југоисток. Затоа клучен е договорот ЕУ-Турција“, истакнува професорот Стојановски.
Тој потсетува дека Македонија добро одигра за време на бегалската криза, беше кооперативна, а ги повика и полициските сили на ЕУ.
„Грција не беше секогаш кооперативна, но сега со договорот состојбата е сосема поинаква. Сега очекуваме да видиме како ќе се постави ФРОНТЕКС, односно каков ќе биде нивниот одговор“, додава Стојановски.
Comments are closed for this post.