На референдумското изјаснување се забележани технички проблеми, неправилности во Избирачкиот список, доцнење при отворањето на некои избирачки места, како и кршење на изборниот молк, соопштија од Здружението „Цивил – Центар за слобода“.
Според извештаите на набљудувачите на „Цивил“ на самиот старт се забележани помали технички проблеми, како што е да не работат УВ ламбите во неколку избирачки места во Општина Петровец.
Во неколку скопски општини се нотира помало доцнење на отворањето на избрачките места. Видливи се и траги од кршењето на изборниот молк во голем број општини низ целата земја. Некои графити се и на самите училишта и згради каде што се одвива гласањето, како што е случајот во Јегуновце и Петровец – посочи претседателот на здружението, Џабир Дерала.
Тој изјави дека, како што навеле набљудувачите на „Цивил“, Од балконот на зградата спроти основното училиште „Браќа Миладиновци“ во Струга, три лица, чии податоци се познати на Цивил, ги фотографирале сите гласачи што одат на гласање на избирачките места во тоа училиште.
Забележуваме сериозни проблеми во Избирачкиот список. Во основното училиште „Толи Зордумис“ во Куманово на избирачко место 955 еден брачен пар не бил на избирачкиот список. Ги препратиле на избирачкото место 995/1, каде што бил евидентиран само сопругот, но сопругата не го остварила гласачкото право – посочи Дерала.
Тој наведе дека, како што пренеле набљудувачите на „Цивил“, во истото училиште на избирачкото место 955 при кинење на ливчето од кочанот, ливчето се скинало на местото каде што бил ставен печатот.
Истото ливче му било дадено на гласачот, што значи дека комисијата на крај ќе знае кој гласал и како гласал бидејќи е означен со самолеплива лента – нагласи Дерала, посочувајќи дека, исто така двајца гласачи ги нема на избирачкиот список во избирачкото место 2843 во Општина Центар.
Гласањето на референдумот „Цивил“ го мониторира со 307 набљудувачи.
Comments are closed for this post.