Претседателскиот кандидат на Алијанса на Албанците и движењето Беса, Блерим Река кампањата ја почнува од плоштадот „Скендербег“ од Скопје.
Пред присутните, претседателскиот кандидат Блерим Река рече дека од Скопјето на Хасан Приштина и Мајка Тереза ја пишуваат новата историја за Република каде владее правото, а не поединецот. Најави борба против корупцијата, непотизмот и селективната правда.
Со вашиот глас докажете дека не сме анонимни 20 отсто. Докажете дека вие не сте само гласачи, туку и гласани. Затоа, Албанецот и не можеше да биде избран за претседател. Ова ќе се промени на 21 април, кога вие ќе го изберете претседателот. Од вас зависи дали сте за Албанец за претседател на Републиката. Вие сте суверенот што одлучува дали вашиот глас ќе ја направи Северна Македонија мултиетничка и евроатланска Република, рече Река.
Кандидатката за претседателка од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Сиљановска- Давкова ја почна кампањата со митинг во Охрид. Вети дека ќе биде претседател кој ќе одлучува по свое.
Затоа кога ќе дојде одговорен претседател од народот и тој ќе биде и за народот. Ќе дојде одговорен парламент кој државнички ќе се однесува, ќе дојде и нов состав на Уставен суд со знаење и морал. Тогаш ние со една уставна промена ќе го заштитиме името со клаузула за непроменливост, порача од Охрид Силјановска Давкова.
Според неа, не може да биде претседател личност кој не си го почитува дадениот збор.
Јас ветувам дека ќе бидам претседател по свое. Ќе водам економска, културна, научна спортска дипломатија, тие се помоќни од традиционалната. А за ваква дипломатија треба квалификувани луѓе, а не импровизатори. Заевизмот се води од паролата ,,кажувам, заборавам, негирам”. Нашата е ,,кажувам, помнам, почитувам“, рече професорката по уставно право.
Под слоганот „Заедно напред“ претседателскиот кандидат Стево Пендаровски ја започна кампањата со трибини во Крушево и Прилеп.
Порача дека двата збора ги опишуваат двете најважни пораки – внатре во државата да постои, да се одржува и да се унапредува меѓуетничката кохезија – а надворешно земјата да оди напред и да биде интегрирана во евроатлантските структури.
Нивната концепција е изолација, поништување на Преспанскиот договор, и целосна изолација. Затоа не смееме да се коцкаме со иднината на државата. Ова што досега е направено и на меѓународен план, и на внатрешен план во делот на внатрешната кохезија кои оваа влада ги направи, не смееме да ги ставиме под ризик“, рече Пендаровски.
Тој рече дека со конкурентите се разликуваат како небо и земја и повика на максимална мобилизација и излезност на изборите.
Comments are closed for this post.