Неприфаќањето на Преспанскиот договор ја чини Дора Бакојани кандидатура за генерален секретар на Советот на Европа, објави денес „Ефимерида“.

Конечно, пишува весникот, Дора Бакојани, поранешна министерка за надворешни работи на Грција, а сега пратеник на Нова демократија, не ја помина втората фаза, а со тоа и не беше номинирана за избор на генерален секретар на местото на Тјорборн Јагланд.

Советот на министрите за надворешни работи на СЕ одлучи во втората фаза да испрати двајца од четирите кандидати – заменикот шеф на белгиската дипломатија и вицепремиерот на Хрватска.

Според извори во Стразбур, Бакојани нема поддршка од Германија и од Франција, а тоа е затоа што таа продолжува со нејзиниот и партискиот негативен однос кон Преспанскиот договор.

Се додава дека Бакојани ја немала ниту поддршката од грчката влада.

На својот Фејсбук таа, сепак, им се заблагодари на 16. европски влади и на Кипар кои гласаа за неа.