Министерството за надворешни работи на Грција денес ќе испрати демарш до Турција, во врска со вчерашниот инцидент со хеликоптерот во кој се превезуваше грчкиот премиер Алексис Ципрас, а беше пресретнат од турски воени авиони.
Државната агенција АНА-МПА откри дека два турски Ф-4 без претходно да достават план за летање, влегле во грчкиот воздушен простор, летале на височина од 6.000 стапки, му се приближиле на растојание од четири милји на воениот хеликоптер во кој бил Ципрас. Веднаш реагирале грчките воени авиони Ф-16 и ги пресретнале турските.
За инцидентот реагираа од грчката опозициска партија Нова демократија преку надлежниот за надворешна политика, Јоргос Кумуцакос кој бара Владата да испрати демарш до Турција. Вели дека не е првпат „турските провокации да се изразуваат врз претставници на власта“, но и дека не е првпат Анкара „провокативно да ги игнорира деновите кога Грците ја слават нивната историја и религија“.
Силно ја осудуваме оваа неприфатлива турска практика. Се надеваме дека Владата, конечно, сериозно ќе се загрижи за ова однесување на Анкара за да ги напушти површните толкувања и аматерскиот начин на кој го третира. Сметаме дека се подразбира дека Владата веднаш ќе испрати строг демарш до Анкара“, вели Кумуцакос.
Грчкиот премиер ѝ порача на Турција дека залудно троши бензин и керозин и доколку е потребно со пливање ќе стигне до најоддалеченото место во Грција.
Армијата на Турција ги негираше тврдењата на грчкиот премиер Алексис Ципрас додавајќи дека „авионите само вршеле рутински мисии во реонот“.
Comments are closed for this post.