Дали прирачникот на Министерството за надворешни работи за медиумите и одлуката на Меѓуресорската работна група на Владата за промена на називите на државните институции за правилно извршување на преземените обврски согласно Договорот од Преспа ќе бидат доволни за нивна практична примена во реалноста? По се изгледа – не!
МНР во својот прирачник не кажува на кои медиуми им се обраќа-дали на државните, на приватните или на сите. Па, формулацијата, што се користи-„Најљубезно молиме да ги употребувате следните термини…“, сама по себе доволно говори дека се работи за молба, а не за законска норма. Сосема друга е работата со одлуката на Меѓуресорската група, зашто таа, сепак, се однесува на државните институции.
Но, деновиве забележлива е реакцијата на премиерот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, кој во неколку наврати се најде во ситуација да ги поправа новинарите, па и неговите најблиски соработници, министри, при употребата на името на државата. Сериозно или во шега, зависно од тоа кој како го разбира и сфаќа, премиерот вели Северна Македонија.
За да не се наоѓа постојано во таква ситуација, можеби Владата треба да размисли да изготви аудио лента или летоци со неговиот глас и потсетување „Северна Македонија, Северна Македонија, Северна Македонија…“. И да им се поделат на граѓаните во државата. Можеби ќе помогнат за полесно и побрзо прифаќање на новото име. Иако во пракса тоа Северна тешко ќе влезе, зашто нејзино ехо секогш ќе биде само Македонија, Македонија, Македонија…
Comments are closed for this post.