Романија ги почна процедурите за влез на нашата држава во НАТО, а воедно ја реафирмираше позицијата за продолжување на проширувањето на ЕУ, врз индивидуални заслуги за земјите од Западен Балкан, соопшти романската премиерка, Виорика Данчила веднаш по средбата со премиерот Зоран Заев кој од денеска е во официјалната посета на Романија.
Во изјавата за медиуми премиерката Данчила рече дека очекува брзо заокружување на тој процес и дека Република Северна Македонија во најбрзо време ќе биде 30. членка на НАТО. Во однос на проширувањето во ЕУ, таа изјави дека очекува дека во јуни ќе бидат потврдени политиките на проширување на ЕУ и ја охрабри нашата земја да продолжи со исполнување на реформските процеси.
Во изјавите за медиумите, премиерот Заев рече дека носи искрени поздрави од граѓаните на нашата држава и Владата на Република Северна Македонија.
Во нивно и во мое име ви се заблагодарувам за вчерашната ратификација на Протоколот за пристап на Република Северна Македонија во НАТО во Домот на пратениците на романскиот Парламент и за сета ваша поддршка во процесот на НАТО интеграциите на нашата држава“, изјави Заев.
Премиерот додаде дека пред 11 години, токму во Букурешт, била пропуштена историската можност за влез на нашата држава во Алијансата. Денеска, рече тој, на темелите на минатото изградивме иднина.
За време на официјалната посета на премиерот Заев на Романија ќе бидат остварени неколку средби на ниво на делегации каде ќе се разговара за унапредувањето на економската соработка посебно во областите на енергетиката и одбраната, соопштуваат од владиниот кабинет.
Comments are closed for this post.