Денеска треба да биде готов извештајот за инцидентите во затворот „Шутка“ кога беа нападнати поранешните министри, Миле Јанакиески и Спиро Ристовски. Такво нешто најави директорот на затворот, Ѓорѓи Котевски, кој по доставувањето на извештајот до Министерството за правда, до Управата за извршување санкции и до Кабинетот на премиерот, најави дека ќе си поднесе оставка на функцијата.

Во текот на викендот се прегледуваа снимките на коишто се забележани направените пропусти на дел од затворското обезбедување, а извршена е и контрола на комуникацијата што Јанакиески и Ристовски ја имале по доаѓањето во затворот, како и постапките на припадниците на групата од „Диво насеље“, Есад Кафеѓоли и Лирим Красниќи, коишто учествуваа во инцидентите.

Поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски на кои им беше одредена мерка притвор за настаните во Собранието на 27 април 2017 година, физички биле напданти од Л. К. и Е. С. Според Котевски, М. Ј. и С. Р. биле сместени во различни павилјони поради што и инцидентите се случиле во различно време, едниот во едно, а по еден час и другиот во друго шеталиште.

Во меѓувреме, Кривичниот суд ја усвои жалбата на Јанакиески и му дозволи да замине во куќен притвор, додека Ристовски остана во „Шутка“.