Јаболкопроизводителите од Преспа денеска од 10 до 12 часот ќе протестираат на магистралниот пат Ресен – Битола, кај Макази. Незадоволството е заради проблемите со пласманот и тоа дека 50.000 тони јаболка останале во магацините.
Бараат средба со премиерот, но и да се врати повторно интервентната мерка од 3 денари.
„И потребна ни е таа поддршка да ја добиеме и во 2019 година. Ние бараме интервентната мерка која важеше до декември да продолжи до 30 јуни 2019 година, изјави по состанокот на иницијативниот одбор, претседателот Менде Ивановски.
Членовите на одборот потсетија дека интервентната мерка минатата година ги оставила на пола пат. Се пожалија дека немале доволно логистика и можност јаболкото да биде транспортирано до преработувачите, па така, само половина од јаболкото било откупено, другото останало.
„Моменталната цена на конзумното јаболко почна да се движи од 3-6 денари за килограм. Минимални потреби за да се произведе треба околу 8 денари, што значи оваа година со таа цена сме во загуба од 3-5 денари по килограм, вели Албен Бекир, одгледувач на јаболка.
Покрај интервентната мерка, бараат што побрзо да им се исплатат и штетите за 2017 година и субвенциите.
Comments are closed for this post.