Полека, но сигурно брусалката станува главен алат на актуелната Влада. И нека не ве чуди. Брусалката одамна е во игра. Само што таа почна без многу врева. Со Спомен-обележјето на струмичкиот народен херој Благоја Мучето. Кога актуелниот премиер Зоран Заев, тогаш во улога на градоначалник на Струмица, одлучи да сврти нова страница во малограничната соработка со соседните бугарски општини, што подоцна се преточи и во потпишувањето на меѓудржавниот договор за добрососедство. Во духот, нели, на новото време.
Од текстот на Спомен обележјето на Мучето со брусалка беше отстранет зборот „бугарски“, што означуваше од каков куршум загинал Народниот херој. Зборот куршум остана, ама сега не се знае од каков или чиј. Дали фашистички, дали бугарски, дали од некој комунист, дали од некој антикомунист, дали од заталкан од нечија свадба или веселба… Впрочем, не е ни важно. Важно е дека сега премиерот Заев, во името на добрососедството и европската иднина, најави дека е готов споменикот на полковникот на бугарската војска од времето на Балканските и Првата светска војна, чие име ни самиот не го знае, па требаше малку да го потсетат, е готов и во блиска иднина заедно со својот колега Бојко Борисов ќе го подигнат кај Дојран. А, бил „направен бајка“! Чисто за да не бидам погрешно разбран, едвај чекам таа бајка, искрено, да ја споделам со блиските пријатели и тука и во Софија и да уживам во ликот и делото на полковникот Константин Каварналиев. Не дека не знам, знам барем дел од неговата богата историја и неговиот придонес за Македонците во текот на војните, за кои се „грабале“ сите војски. Сосема друга е работата, што тие, војните, од погубни, ни стануваат „ослободителни“, ама директните учесници во нив, барем оние кои биле во редовите на бугарската војска, се нашле на погрешно место, во погрешно време и на тогаш погрешната, губитничка страна.
Но, друго е зборот. Таа брусалка историја сега се претвора во брусалка Влада! Владата одлучи да ја тргне оградата околу објектот, што беше платена од народни пари во времето на претходната власт. И тоа го стори со брусалки. Додуша, максимално внимателно и со работници како да се донесени од некоја модна писта. Дотерани со нова опрема, каква што се сомневам дека имаат и многу поголеми фирми од таа, што е ангажирана за оваа цел. Некој ќе рече нејзино право за отворање и достапност на јавниот простор, нејзино предизборно ветување, нејзино расчистување со „груевизмот“, нејзино „ребрендирање“ од Влада на Република Македонија во Влада на Република Северна Македонија… Право на избор или се заедно на купче. Кој како сака нека ги гледа работите. Само да не се направи грешка при изборот. Зашто, ни случајно не може да стане збор за реализирање на предизборно ветување, уште помалку за расчистување со „груевизмот“. Ако се погледнат изјавите на премиерот, на пример, околу менувањето на името на државата или на Уставот, лесно може да се забележи дека неговите ветувања имаат сериозни проблеми со вистината и тие со месеци наназад се вртат во јавноста. А, налет на „груевизмот“ ако тој се врзува со една железна ограда! Столбовите, што ќе останат, не се врзуваат за него?
За ваквата брусалка постапка на брусалка Владата, според објаснувањата, немало да бидат потрошени народни пари. Како да има денес некој, кој работи без пари, на добра желба и волја. Не е до тоа што не прават малоумници, туку што мислат дека некој им верува. А, чии пари се тие, што ќе бидат искористени од внатрешните ресурси, односно постојните капацитети на службите во рамки на Владата? Владините службеници и министри од дома си ги донеле?
И тука целосно се вклопуваат зборовите на еден случаен намерник во моментите на уривањето на оградата. Сериозен човек гласно го сподели своето размислување:„Ееее, вака и Офицерски го уриваа, па после викендички си направија. И овие ќе завршат по дворови“.
За оние помладите, само како потсетување. Офицерскиот дом во Скопје, по катастрофалниот земјотрес во 1963 година, беше меѓу оштетените објекти во центарот на градот. Но, според проценките на експертите, тој не бил за уривање, ама секогаш умните политички глави одлучиле да се урне заедно со Народната банка. За да се отстранат објекти од едно друго време, од време на владеење на туѓинци, и за да се ослободи просторот за новите комунистички/социјалистички визии. Секоја сличност со забелешката на минувачот е случајна. И онака кај нас полесно се урива, отколку што се гради.
Comments are closed for this post.